Хемикалиите во хигиенските производи може да ве здебелат

Истражувачите од Норвешкиот универзитет за наука и технологија идентификувале 11 хемикалии во вообичаените пластични амбалажи, како што се шишињата за шампон, за кои студиите покажале дека можат да придонесат за зголемување на телесната тежина со нарушување на метаболичкиот процес.
Речиси секој вид на пластична амбалажа може да содржи такви супстанции, кои во студијата се нарекуваат хемикалии кои го попречуваат метаболизмот (MDC). Научниците ги пронајдоа во околу една третина од производите што ги анализираа, вклучувајќи шишиња со гелови за туширање, шампони, балсами, кеси за отпадоци, кеси за замрзнување, кујнски сунѓери и шишиња со вода. Наодите беа објавени во списанието Environmental Science & Technology.
„Нашите експерименти покажуваат дека обичните пластични производи содржат мешавина од супстанции кои можат да бидат релевантен и потценет фактор зад прекумерната тежина и дебелината“, рече Мартин Вагнер, вонреден професор и еден од авторите на студијата.
Нивната студија додава на зголемениот број докази дека недоволно проучените хемикалии што се користат за производство на пластична амбалажа од секаков вид се ослободуваат и на тој начин се апсорбираат кај потрошувачите.
Некои тестови покажаа дека поврзаните хемикалии се мешаат со хормоните во телото, предизвикуваат спонтани абортуси и се поврзани со некои болести, вклучувајќи вродени дефекти и рак.
Нивните наоди сугерираат дека нерегулираните хемикалии во обичните производи за домаќинството може да бидат латентен фактор во зголемувањето на стапките на дебелина на глобално ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.