Повеќе од 100.000 тела на жртви на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад се пронајдени во масовна гробница во близина на Дамаск, изјави за Ројтерс директорот на сириските оперативни сили за вонредни состојби (СЕТФ), Муаз Мустафа.Според него, масовната гробница се наоѓа во Ал-Кутајфи, на околу 40 километри северно од Дамаск и е само една од најмалку петте такви локации околу главниот град на Сирија. Мустафа нагласи дека бројот од 100.000 тела е „најконзервативна проценка“, истакнувајќи дека бројката може да биде значително поголема, пишува Ројтерс.„Веруваме дека има повеќе масовни гробници, можеби повеќе од пет. Меѓу жртвите, според нашите сознанија, не се само Сиријци, туку и државјани на други земји, вклучувајќи Американци, Британци и други странци“, рече Мустафа.Според СЕТФ, клучна улога во пренесувањето на телата имала разузнавачката служба на сириските воздухопловни сили, кои ги собирале телата од воените болници откако жртвите починале од последиците на тортурата. Телата потоа биле испратени до локацијата на масовните гробници.„Исто така, транспортот на телата го вршеше и општинската погребна канцеларија во Дамаск, чии работници учествуваа во истоварот на телата од фрижидерите што ги превезуваа телата на трактори со приколки“, додаде Мустафа.Според сведочењето на работниците интервјуирани од членовите на СЕТФ, возачите на булдожери биле принудувани да копаат гробови и понекогаш добивале наредба да ги скршат телата со булдожерите за да создадат повеќе простор во гробовите пред да ги покријат со земја.Мустафа изрази загриженост за необезбедените гробници, нагласувајќи ја важноста од заштита на овие локации за да се зачуваат доказите за потенцијални истраги.Потсетуваме дека граѓанската војна во Сирија трае од 2011 година, а се проценува дека во конфликтите загинале стотици илјади луѓе. Иако бројни меѓународни организации и институции ја обвинија владата на Асад за кршење на човековите права и злосторства против човештвото, сирискиот претседател постојано ги негираше таквите обвинувања.
Пронајдете не на следниве мрежи: