Густ облак од чад се издигна над главниот град на Либан Бејрут откако израелската војска соопшти дека извршила „цеден напад“. Жителите на јужните предградија пријавиле дека слушнале силна експлозија, пренесува Ројтерс.
Израелците не дадоа никакви детали за нападот, но нагласија дека нема промена во советите за израелските цивили да останат безбедни. Нападот на Бејрут се случи откако Хезболах истрела 140 ракети во северен Израел.
Новата размена на оган доаѓа по серијата експлозии на комуникациски уреди во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 3.000 беа ранети во Либан.
Либанската влада и милитантната група Хезболах го обвинија Израел за нападот. Тел Авив не ги коментираше тие наводи, но министерот за одбрана Јоав Галант најави дека Израел влегува во „нова фаза“ од војната.
Цел на израелското гранатирање на Бејрут бил Ибрахим Акил, командант на операциите на Хезболах, објави израелското воено радио.
Медиумите јавуваат дека Акил е убиен во овој напад, а тој е еден од клучните луѓе на Хезболах, за чија глава Америка понудила дури седум милиони долари.
Новинската агенција АФП цитираше извор близок до Хезболах дека Акил бил убиен во нападот.
Американското Министерство за правда понуди награда од 7 милиони долари за информации за клучниот лидер на Хезболах Ибрахим Акил.