Циклонските бомби се големи и интензивни бури кои се формираат на средните географски широчини, познати по низок притисок во нивните централни делови и низа други екстремни временски феномени кои ги придружуваат. Меѓутоа, за таа да стане „бомба“ и да предизвика проблеми какви што се забележани во текот на викендот на северноамериканскиот континент, нејзиниот централен притисок мора брзо да се намали – според некои проценки најмалку 24 милибари за 24 часа.
Процес на бомбогенеза
Во услови кога циклонот минува низ т.н бомбогенеза, тоа значи дека прима одредена количина на топлина и влага, но и дека воздухот во него брзо се крева. Како резултат на тоа се создаваат циклонски бомби кои носат силни ветрови и бури, придружени со екстремно ниски температури. Регионот најпознат по бури од овој тип е американскиот источен брег, бидејќи зоните северно од тропските предели ја црпат својата енергија од големите температурни контрасти.
Со други зборови, во областите околу потоплите водни маси – топлина и влага има во изобилство. Меѓутоа, штом студениот континентален воздух се најде над него, условите во долниот дел на атмосферата стануваат крајно нестабилни. Воздухот се крева, лади и кондензира, а како резултат на овој процес се формираат облаци кои предизвикуваат интензивни врнежи, а понекогаш и силни ветрови кои доведуваат до уште поголемо „кревање“ на воздухот.
Крајниот резултат е процес на повратна спрега, што предизвикува топлиот воздух да се зголемува со се поголема брзина. Ова овозможува брз пад на притисокот во центарот на системот и засилување на ветровите додека атмосферата се обидува да ги изедначи разликите.