Честитка од Груевски, но и прашање: Што мислите, дали Светите браќа Кирил и Методиј би биле горди на нас денес?!

Поранешниот премиер Никола Груевски во текот на вчерашниот ден на Фејсбук го честиташе Денот на Светите браќа Кирил и Методиј и праша дали светите браќа би биле горди на нас денес.

-Писменоста е значајна за правилно да се разбереме, за да читаме, учиме и многу повеќе да научиме, за да знаеме и на тој начин да успеваме и во животот како поединци и колективно како нација. Да ги превенираме проблемите и да бидеме среќни.

Дали доволно го правиме тоа, вие оценете.

Дали доволно се разбираме?

-Вие добро знаете.

Дали доволно читаме, учиме и сме научиле секој во својата област, а земено како просек на нацијата?

Тука одговорот лежи во споредбените анализи со другите нации во Европа.

Одговорот нема да ви се допадне.

Обидите да се воведат проверки на знаењето заради стимул повеќе да се научи и знае, во основните и средните училишта и на универзитетите завршија “на нож” со протести и демонстрации, небаре посакувавме да се чита, учи и стекнува реално и високо ниво на знаење за некој друг, а не за себе.

Обидите професорите на македонските универзитети да добијат некаква обврска за минимална граница за создавање и објавувување научни трудови во најважните две списанија со фактор на влијание во светот и така да ги охрабриме повеќе да се натпреваруваат во науката со своите колеги низ светот, завршија со протестни пленуми и поттикнување на студентите на протести и демонстрации да слезат на улица, небаре на колење сакавме да ги носиме нашите професори.

И нормално потоа нема, никој не предложи друга иницијатива, и никој не се буни за тоа, за ако ние сме го правеле тоа несоодветно, па некој по нас да го прави подобро и попаметни. Системот на владеење и функционирање на универзитетите по синтагмата жаргонска наречена “не таласај” носи некаков привиден мир, но не и напредок. А немањето напредок носи незадоволство.

Како и да е, сега сме уште подлабоко на последното место во Европа по бројот на објавени научни трудови со фактор на влијание во двете најважни списанија во светот за таа намена, каде врвни светски научници одредуваат што е квалитет а што не и според тоа што може да се прифати за објава, а што не.

По број на прочитани книги по глава на жител сме меѓу последните во Европа.

Владата која ја предводев преведе врвни стручни и научни и секакви други книги повеќе од сите други влади досега заедно. Жалам што слушам дека голем дел од тие книги се уште се по подрумите на некои факултети а се учи од скрипти или книги на локални автори кои сакаат да бидат професори и научни работници ама одбегнуваат да се натпреваруваат во светската лига на најдобрите. Чест на исклучоците.

Имавме и медиумски кампањи за зголемување на свеста за значењето на образованието, иновацискиот дух, претприемничкиит дух, читањето книги, отворавме нови универзитети, факултети, училишта, меѓународно најнапредни и најуспешни наставни програми…и уште многу активности. Воведовме задолжително и бесплатно средно образование, бесплатни учебници за сите ученици, купивме научни лабаратории за универзитетите и факултетите колку што не се купиле од 1945 година до денес…

Некои не’ разбраа и ги искористија можностите, некои не.

Читајќи го ова, има ли дилема по бројот на успеси како нација дали ќе сме меѓу првите или меѓу последните во Европа?

-Вие го знаете одговорот.

Следејќи ги сите нации во Европа чија писменост започнува со светите браќа Кирил и Методиј-рамноапостолски, и нации чија писменост започнува по други патишта, што мислите, дали Св. Кирил и Методиј би биле горди на нас како нација која максимално и правилно ја искористила нивната света мисија и посветувањето на нивниот живот на ширењето на писменоста?

-Секој сам нека си процени и нека си одговори.

Јас само знам дека најуспешните нации и држави во светот се оние чии граѓани земено како колективен просек имаат најмногу знаење, образование, наука и кои на светско ниво се најконкурентни.

Затоа ги спроведувавме проектите пишани погоре, но, приликите и отпорот не натераа да сватиме дека за се треба време и созревање. Дека со сила може да се земе, но не и да се даде.

Во меѓувреме другите нации одат незапирливо напред, додека ние се занимаваме со тривијални работи.

Да си го честитаме празникот посветен на Св. “Кирил и Методиј” и да си посакаме нивната успешна и света мисија за описменување, кое овозможува неспоредливо побрз напредок и лична среќа, во иднина да ја ползуваме многу повеќе, па при идните прославувања да сме уште повеќе горди на достигнатото.

Нека е честит именденот на сите кои го носат името на светите браќа Кирил и Методиј.

Нека е среќен празникот 24. мај – денот на сесловенските и македонски просветители Кирил и Методиј.- напиша Груевски на Фејсбук.

Пронајдете не на следниве мрежи: