Шампиони на Југославија: Денот кога Македонија го славеше Вардар!

Четиринаесетти јуни 1987 година е еден од најзначајните датуми во македонската спортска историја, ден кога пред точно 37 години Вардар ја освои Првата сојузна фудбалска лига на Југославија и до нејзиниот распад остана единствен клуб од Македонија кому му успеало тоа.

Тимот предводен од клупските (играчки) легенди Андон Дончевски и помошниците Методија Спасовски и Кочо Димитровски во сезоната 1986/87 собра 38 бода, остварувајќи 15 победи, 8 нерешени и 11 порази на 34 првенствени натпревари. Најдобар стрелец беше Дарко Панчев со 18 гола, а Тони Савевски беше најстандарден со 33 настапи во црвено-црниот дрес.

Покрај нив двајца, во најголемиот вардаров успех пред осамостојувањето на Македонија се вградија и: Грошев, Лазаров, Канатларовски, Најдоски, Рингов, Станојковиќ, Марковски, Џипунов, Бабунски, Јаневски, Симовски, Симоновски, Петров, Тодоровски, Аврамовски, Трајчевски, Стојановиќ, Филипов, Атанасовски и Бизимовски.

По завршувањето на таа сезона на Вардар по судски пат му беше одземена титулата во првенството што 10 тима го почнаа со -6 бода поради лажирање во последното коло од претходниот шампионат.

Но, за УЕФА, која не прифаќа мешање на државни институции во работата на националните федерации, првак на Југославија од 1987 година официјално е најтрофејниот и најпопуларен македонски фудбалски колектив. Одлуката на европската куќа на фудбалот им овозможи на вардарци есента таа година да дебитираат во тогашниот Куп на европските шампиони против бранителот на трофејот Порто, од кој загубија во двата меча со по 3:0.

Пронајдете не на следниве мрежи: