Министерот за надворешни работи на Британија Дејвид Камерон изрази противење на идејата за испраќање војници од земјите во НАТО во Украина, за да се борат против руската војска.
Во изјава за Скај њуз во петокот, Дејвид Камерон изјави дека Британија ќе продолжи да му испорачува на Киев оружје и да се фокусира на пополнување на сопствените залихи, што е „национален приоритет“.
„Но не сакам НАТО војници во државата (Украина), бидејќи сметам дека тоа ќе биде опасна ескалација“, кажа британскиот министер за надворешни работи и додаде: „Обучивме, јас мислам, речиси 60.000 украински војници“.
Пред два дена францускиот претседател Емануел Макрон повторно изјави дека не исклучува потенцијално разместување трупи во Украина.
„Не смееме да исклучиме ништо бидејќи нашата цел е Русија да не победи во Украина“, кажа Макрон за Економист.
Францускиот претседател истакна дека прашањето за „НАТО чизми на теренот“ би било наметнато ако „Русите ја пробијат линијата на фронтот“ и ако „Киев побара помош“.