Шефот на обезбедувањето на Мицкоски нападнал колега полициски службеник пред угостителски објект

Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ велат дека досега немаат информација дали Ивица Б. е задржан во полициска станица и дека ќе не известат откако ќе добијат повеќе детали од случајот

За настанот на социјалните мрежи извести дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, именуван на предлог на СДСМ. Повеќе информации се очекуваат и од МВР

Шефот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., рано изутрината нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода. Непотврдени информации велат дека полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што е уапсен.

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бомјацалиев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност, и побара максимално професионално да се расветли овој случај.

„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално“,

напиша Бојмацалиев.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ велат дека досега немаат информација дали Ивица Б. е задржан во полициска станица и дека ќе не известат откако ќе добијат повеќе детали за случајот.

Фото: Статус на дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев/ Принтскрин од социјални мрежи

Од МВР потврдија дека имало ваков случај, но не открија кои се сторители. Воедно најавија повеќе детали за во текот на денот.

Ивица Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. За време на мандатот на Наќе Чулев како министерот за внатрешни работи во техничката влада во 2020 година, Ивица Б. беше именуван за командант на елитната полициска единица ,,Тигри”, една од 15-те позиции на кои Чулев направи промени.

Пронајдете не на следниве мрежи: