Србија и Косово треба да се фокусираат на разговорите за француско-германскиот предлог за решавање на кризата и за брзо формирање на Заедницата на српските општини, изјави советникот во американскиот Стејт департмент Дерек Шоле за време на официјалната посета на Белград.
Шоле, по посетата на Скопје и Приштина, се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ. За време на тие разговори, тој рече дека САД ќе ги поддржат сите напори направени за одржување на мирот и стабилноста, соопшти српското претседателство. Вучиќ, наводно, рекол дека Србија зазема сериозен и одговорен пристап кон секоја нова ескалација и дека останува посветена на политиката на мир, стабилност, дијалог и конструктивен однос кон сите отворени прашања.
По средбата со Дерек Шоле зборуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Изразив очекување дека САД ги препознаваат напорите на нашата земја за зачувување на мирот и стабилноста во регионот и дека го користат своето несомнено влијание и ја охрабруваат Приштина да ги исполни своите обврски во согласност со прифатените и потпишаните договори, но и да продолжи дијалогот во духот на искрена и отворена размена на предлози за решавање на конкретни предизвици“, напиша Вучиќ.