Штекли дише самостојно, неговиот придружник сè уште е на апарати

По вчерашните операции, двајцата ранети во трговскиот центар „Ист гејт“ се во релативно стабилна состојба, сместени на интензивна нега.

Во полоша состојба е придружникот на Раде Трајковски-Штекли. Придружникот вчера беше опериран на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и неговата состојба е сè уште животозагрозувачка.

„Пациентот е во релативно стабилна состојба по операциите. Сместен е на интензивна нега и сè уште е на апарати. Беше донесен искрвавен и со сериозни повреди во стомакот, градниот кош, белиот дроб, црниот дроб и по опсежна интервенција, состојбата е стабилизирана, но сè уште е во животна опасност. Се работи за 24-годишно момче кај кое, најверојатно, ќе треба уште една операција“, вели Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. наум Охридски“.

Состојбата на Штекли, кој, неофицијално, бил цел на напаѓачот, според директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, е подобра. И тој закрепнува по вчерашните интервенции на неколку органи.

„Пациентот е стабилен, со спонтано дишење, свесен и контактибилен. Имаше опсежна интервенција на левото белодробно крило, кое е извадено, и третман на прострелна рана на десното рамо. Сместен е на интензивна нега и состојбата постојано му се следи“, изјави директорот Јакупи.

Штекли и неговиот придружник беа повредени вчера попладне во „Ист гејт“ во период кога трговскиот е полн со посетители.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.