Македонските граѓани преку Интернет најчесто купуваат облека и спортска опрема. Државниот завод за статистика во првото тримесечје од 2018. година спроведе анкета од која се гледа дека Интернет продажбата за една година се зголемила за 62 проценти. Годинава преку интернет купувале околу 31,6 проценти од интернет корисниците за разлика од минатата година кога онлајн нарачки направиле 19,5 проценти.
Иако гардеробата и спортската опрема и понатаму се врвот на листата на пазарење преку Интернет сега се повеќе граѓани почнуваат да купуваат и производи за домаќинство, храна и друго.
Повикувајќи се на анкетата на Државниот завод за статистика од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија денес преку соопштение информираа за најновите состојби во е-трговијата, па велат дека она што е значајно е дека има пораст на онјалн купувањето од домашните е-трговци.
– Ако во минатото доминантната онлајн трговија била кај продавачите од другиот дел на светот, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонците доминантно онјалн тргувале од домашните е-трговци што е особено за поздравување, се вели во соопштението од Асоцијацијата за е-трговија.