Марина Радош, млада писателка од Мостар, напиша статус за љубовта и очекувањата кој нема да ве остави рамнодушни.
„Што ако ве излажале дека од љубовта не се живее? Мене, мојата мајка еднаш ми кажа дека се живее од љубовта, а од парите се преживува. Јас неа и верувам. Затоа што никаде не сум видела толку многу љубов колку во становите од 30 квадрати и на болничките постели.
Што ако ве излажале дека таа престанува со тек на време, дека ќе и се смеете еден ден и ќе ја заборавите? Ниедна млада рака не ја држи толку цврсто онаа другата, колку што се држат две стари раце. Што ако ве излажале дека треба да најдете некој достоинствен за вас? Мене никогаш не успеаја да ме излажат, бидејќи никогаш не сум видела толку пркос и борба, како во љубовта која ја осудуваа соседите и стрините од прозорите.
Како да се тие мерило за вашите животи. Што ако ве излажале дека љубовта мора да ја носи вашата нација и вера? Во весниците и приказните тие пропаѓаат, а јас на свои очи сум ги гледала оние најголеми љубови, најубави деца, најголеми одрекувања и жртви, токму кај таквите. И да, тие се среќни. Далеку од сите оние кои поради нивната љубов се откажале од нив. И од оние за кои нивната мешана љубов е пропаст, баш како што би била пропадната и кога не би била мешана.
Што ако ве излажале дека морате до 25-тата? До 35-тата? До 40-тата бидејќи е крајно време? Мене не успеаја, бидејќи никој никогаш не ми зборувал толку вистински и реално за љубовта како онаа која својата ја пронајде во 50-тите. И сега му трча во прегратка како девојка од 15 години. Што ако ве лажат постојано? Што ако цело време се обидуваат да ве убедат дека љубов е она што тие некогаш го имале и сега веќе го немаат бидејќи престанува кога „сиромаштијата ќе влезе низ вратата“, „кога доаѓаат децата“, „кога треба да се врати кредит“, “кога доаѓаат болестите“, „кога веќе не може да спие со тебе три пати во денот“.
Не ми верувајте ни мене. Верувајте си само на себе. Држете ја својата љубов цврсто, со рацете, нозете, ноктите. Бидејќи таа нема да престане, туку ќе зајакне, токму кога ќе дојдат децата. Токму кога сиромаштијата ќе затропа на вратата. Токму кога ќе треба да го вратите кредитот. Токму кога тој ќе се разболи. Токму тогаш кога нема да може да спие со тебе три пати дневно.
И можеби не сте сите направени од љубов, но правете нови деца од љубов. Или не ги правете воопшто. На некои љубовни приказни тие воопшто не им се ни потребни. Само не дозволувајте да ве лажат. Други ни се мешаат во платите, школувањето, работата, здравјето, облекувањето, прехраната, влијаат на нашиот деловен живот бидејќи светот е таков. Но, својата љубов не ја давајте никому. Бидејќи тоа е вашето најголемо достигнување во животот.
Што ќе ти е голема плата ако на крајот од денот влезеш во празен стан со кеси полни најнова облека која нема кој да ја соблече од тебе. И сите пари на овој свет, ако немаш со кого да ги поделиш. Бидејќи, од љубов се живее. Од пари се преживува.