Принцот Хари и Меган Маркл не престануваат да ја шокираат јавноста со признанија од животот на британското кралско семејство, кое го оставија во 2020 година. По серијата „Хари и Меган“, која изненади многумина, сега помладиот син на кралот Чарлс во својата автобиографија објави дека неговиот брат, принцот Вилијам, го нападнал и го соборил на под!
Принцот Хари ја нарече својата книга „Резервна“, осврнувајќи се на фразата за кралските семејства кои секогаш имаат најмалку две деца – престолонаследникот и „резервниот“. Во книгата напишал дека принцот Вилијам физички го нападнал и го соборил на земја и ја навредувал Меган Маркл.
„Во нашата куќа во Лондон избувна расправија во 2019 година, му кажав дека се однесува нерационално, а тој ја нарече Меган тешка, невоспитана и кавгаџика. Му реков дека како папагал ми повторува што пишува печатот за неа, а потоа почна да вика по мене“, се сеќава принцот.
„Ме фати за јака, ми ја скина јаката и ме фрли на земја. Паднав врз садот за вода на нашето куче, кој се скрши. Останав со видливи повреди, модринки и исеченици од парче од садот, на мојот грб. Лежев на подот замаен, а потоа станав и му реков да излезе надвор“, напиша принцот Хари.
“Вилијам одговори – ајде, возврати ми. Така се каравме кога бевме деца. Одбив и тој замина, се врати малку подоцна и се извини. Се сврте на излезот и ми рече дека Меган не треба да знае за инцидентот” . Прашав, дали мислиш на напад? Тој ми одговори дека не ме нападнал“, напиша тој.
Принцот Хари понатаму пишува дека првично не ја информирал Меган за нападот, туку прво го повикал својот терапевт. Меган Маркл дознала за тепачката дури кога ги забележала повредите на неговиот грб.
Извадоци од книгата објави британски „Гардијан“, а „Дејли мејл“ пишува дека е голема мистерија како новинарите успеале да дојдат до копија од автобиографијата на принцот Хари, бидејќи издавачот „Пингвин Хаус“ презел многу мерки за ниту еден збор да не „протече“. Книгата „Резервна“ на принцот Хари излегува на почетокот на следната недела и веќе е однапред на листата на бестселери на веб-страницата „Амазон“.