Те сонував пепелашке. Ти за мене беше принцеза и таква, парталава. Не ти требаше тебе ни бела кочија, ни сјајна облека, ни стаклени чевлички, ни магија. Ти беше магија пепелашке. Па му се смеам в лице на тој принц што те пушти да истрчаш сама надвор на полноќ. Јас ќе те зграпчев силно и кој ќе ми те истргнеше од раце? Му се смеам на тој принц што пушти други да те бараат. Не, не… јас ќе се маскирав во просјак и ќе тргнев да те барам сам по светот. Стаклена чевличка!? Пффф… ќе ја треснев од земја, пепелашке. Зарем тоа беше твојата мерка? Зар му треба чевличка да те најде некој што еднаш ти ги видел очите? Што ќе ти е тебе таков што те имал в раце а потоа заборавил како изгледаш? Јас би те познал пепелашке, па таман да си целата парталава, валкана од пепел и исчадена со чад. Очите ќе те издадат. Тие се твоите стаклени чевлички.