Љупчо Коцевски е нов државен јавен обвинител, „за“ гласаа 62 пратеници

Инаку гласањето за именување на Коцевски помина без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, а во пленарната сала не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, пак, за време на расправата по оваа точка од дневниот ред на 140. седница, за збор исклучиво се пријавуваа пратеници од опозициската партија, кои изразија сомнеж дека Коцевски, доколку биде избран, ќе се справи со криминалот и корупцијата кои, како што наведоа, се најголем проблем во државата

Со 62 гласа „за“ Собранието денеска во рамките на 140. Пленарна седница го именуваше Љупчо Коцевски за јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Љупчо Коевски – новиот јавен обвинител на Република Северна Македонија / Фото: Принтскрин

Коцевски на функцијата државен јавен обвинител доаѓа на местото на Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември лани.

Додека траеше постапката за избор на нов јавен обвинител, за вршител на должност на функцијата од страна на Советот на јавни обвинители беше избрана обвинителката Соња Симовска.  

Инаку, гласањето за именување Коцевски помина без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, а во пленарната сала за време на чинот не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, пак, за време на расправата по оваа точка на дневен ред, за збор исклучиво се пријавуваа пратеници од опозициската партија, кои изразија сомнеж дека Коцевски, доколку биде избран, ќе се справи со криминалот и корупцијата кои, како што наведоа, се најголем проблем во државата.

„Претходниот јавен обвинител на овој, за кој е прашање дали ќе биде избран, му остави многу работа во борбата против корупцијата и криминалот кои се најголем проблем во државата. Дали овој обвинител сериозно ќе се зафати со борбата и дали ќе ги заврши големиот број предмети кои останаа незавршени ќе видиме“,

рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Нејзината колешка и сопартијка, Дафина Стојановска, кажа оти и е сомнително зошто личност со богато искуство во адвокатурата прифатил да биде кандидат за оваа функција.

„Како искусен и возрасен правник треба досега да ја има научено лекцијата дека СДСМ ни кафе не части бесплатно. Се прашувам дали кандидатот Коцевски уште од првиот ден на работа ќе докаже дека ќе постапува согласно неговите надлежности и доставената програма за работа или ќе ризикува да си ја уништи сопствената долгогодишна кариера заради не знам каков договор“,

рече Стојановска.

Таа го повика Коцевски да размисли што е подобро за него, дали веднаш да покаже независност и вистинска борба со криминалот или, како што рече, веднаш ќе докаже дека ќе е последниот јавен обвинител назначен заради пазарење и партиски интерес.

Распоредот на пратениците кои гласаа за именувањето на Коцевски за Јавен обвинител на РСМ / Фото: Принтскрин

Коцевски на високата функција државен јавен обвинител доаѓа од позицијата обвинител во републичкото јавно обвинителство. Како конкуренција, во постапката за избор, која тргна со распишување на оглас од страна на Собранието, имаше две свои колешки – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.

Тој остана сам во трката откако Советот на јавни обвинители едногласно ја поддржа само неговата кандидатура. Раичевиќ не доби позитивно мислење, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше поради нецелосна документација.

По ова постапката се пресели во Владата, која на седница одржана на 9 јануари донесе одлука да му предложи на Собранието да го именува Коцевски за државен јавен обвинител и предлогот да го достави до Собранието.

Од тројцата кандидати за функцијата државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски ѝ беше најмалку познат на јавноста во споредба со двете негови колешки кои се пријавија на огласот.

Инаку, Коцевски почнал да работи како адвокат, дејност во која се задржал 16 години. Во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Пред нешто повеќе од една година е унапреден и станува дел од републичкото јавно обвинителство, па така станува еден од десеттемина обвинители во оваа институција.

Во својата професионална кариера, според достапните информации, тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, како и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.