Во Скопје 27 објекти имаат прекин на довод на струја во топлинските потстаници. Во 43 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 100 објекти засега не можат да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефекти во внатрешните инсталации, соопшти ЕСМ.
Компанијата ги повика потрошувачите и заедниците на сопственици да соработуваат, за успешен старт на грејната сезона на 15 октомври. За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја повика Владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта, во висина од 8,3 милиони денари, затоа што локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Јакимовски нагласи дека минатата година, за децата да не останат без греење, општината издвоила 6 милиони денари за оваа намена, затоа што тогашната Влада не сакала да ги плати сметките.
Локалната самоуправа само управува со основните училишта, а сите обврски кон училиштата ги покрива Владата, односно Министерството за образование. Тие ги исплаќаат средствата преку т.н. блок-дотации, кои што стигаат до општините, а тие само ги пренесуваат до училиштата.
– За жал, средствата што ги исплаќаат од министерството за образование до училиштата, ни од далеку не достасуваат за основните потреби на училиштата, а тоа е да се покријат основните трошоци за електрична енергија, да ги покријат трошоците за парно, за ѓубретарина, за вода итн. Не станува збор за тековно и инвестиционо одржување. Сето тоа го покрива локалната самоуправа, а ние имаме обврска само да управуваме. Сето тоа треба да биде на товар на Владата, така пишува во законот – вели Јакимовски во соопштение до јавноста.