„Јас не мислам дека сите гласачи гласаат онаму каде што партијата ќе потпише, на локалните и претседателските избори повеќе се гласа за личност, а не за партија. Точно е дека Демократската партија на Турците (коалициски партнер на ДУИ, н.з.) малку повеќе постои од другите, но јас сум сигурен дека во поголемите краишта во Македонија ќе добијам многу повеќе турски гласови отколку Бујар Османи“, вели кандидатот за шеф на државата од опозициската коалиција „Влен“
Кандидатот за претседател на државата од коалицијата „Влен“, Арбен Таравари, очекува да добие повеќе турски гласови од Бујар Османи во повеќе делови од земјата, и покрај тоа што ДУИ предизборно коалицира со две партии на Турците. На новинарско прашање во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, дали оваа коалиција во која членуваат и ромска и бошњачка партија, има предност пред опозициските партии на Албанците, кога станува збор за освојување на гласови од овие етникуми, Таравари вели дека сите не гласаат за оние со кои нивната партија ќе направи коалиција, а за пример ги посочува локалните избори во 2017 година.
„Во 2017 година Демократската партија на Турците (ДПТ) беше во коалиција со ДУИ на локално ниво, но ние успеавме да земеме 60 до 70 отсто од турските гласови. Јас не мислам дека сите гласачи гласаат онаму каде што партијата ќе потпише, на локалните и претседателските избори повеќе се гласа за личност, а не за партија. Точно е дека ДПТ малку повеќе постои од другите, но јас сум сигурен дека во поголемите краишта во Македонија ќе добијам многу повеќе турски гласови отколку Бујар Османи“,
вели Таравари.
И покрај првичните изјави дека не е заинтересиран за кандидатура, мислењето на Таравари му го смениле анкетите кои биле направени од повеќе агенции, според кои уживал голема поддршка кај испитаниците.
„Јас се кандидирав два пати во општина Гостивар, која демографски е слична на Македонија, живеат и Македонци и Албанци, Турци и Роми и успеав, за среќа, од сите етнички заедници да добијам повеќе гласови од противкандидатот. Мислам дека успеавме да одржиме една внатрешна кохезија во нашата општина, не може никој во Гостивар да каже дека општината за некого е затворена или не се сите граѓани подеднакво третирани“,
изјави Таравари.
Тој очекува на претстојните претседателски избори да добие поддршка од сите етникуми во земјава, а причина за тоа е што се покажал како човек кој се грижи за сите подеднакво, и како доктор и како градоначалник.