Министерот за здравство Венко Филипче утрово направи обиколка низ интерните клиники во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Тој го посети и ново отворениот ковид центар на Клиниката за очни болести, кој од утрово почна со работа.
-Целиот здравствен систем е координиран и усогласен со сите јавно-здравствени установи. Во сите установи работи стручен медицински кадар. Здравствените работници се преморени, меѓутоа тие не се откажуваат и го даваат својот максимум во третманот на пациентите, изјави Филипче.
Како што соопшти Министерството за здравство, во ковид центарот во Клиниката за очни болести хоспитализиран е првиот пациент, а целото одделение располага со капацитет од 23 кревети.
-Клиниката е спремна да помогне во згрижувањето на сите оние пациенти на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка, посочуваат од Министерството.
Следен чекор, додаваат, е зголемување на болничките капацитетите со 50 легла за ковид пациенти и на Клиниката за уво, нос и грло.
-Во следните денови се очекува да биде комплетно спремна оваа установа, во која во моментов се поставува централен довод на кислород, се наведува во соопштението.