„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница.
Само со нас, со соработка и заеднички живот, можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат“, рече лидерот на ДУИ на засебното одбележување 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска од свечената академија по повод одбележувањето на 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кажа дека сопственоста на држава за која размислуваа во 1990-тите години треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото.
„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат. Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга за тоа што оваа земја не беше поделена, не се раздели, затоа што не прифати ОВК, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и Македонците како две најголеми заедници. Сопственоста за која размислуваа во 1990-тите треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото. Во оваа ситуација, какви драматични и опасни случувања има во Европа, недалеку од нас , навистина сите треба да мислиме дека Европа е во пламен и во војна“ рече Ахмети.
Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, денеска со посебен настан во хотелот „Александар палас“ во Скопје го одбележа денот кога пред 23 години во претседателската резиденција на Водно беше потпишан Рамковниот договор. Речиси во исто време Владата одржа свечена седница на која свои обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Изет Меџити. Вечерва Меџити приредува и прием во Музејот на современа уметност во Скопје по повод годишнината од договорот.