Витаминот Д се создава по природен пат во човечкото тело, кога тоа е изложено на сонце. Поради тоа, познат е и како “сончевиот” витамин.
На сите ни е познато дека витаминот Д е особено важен за коските. Тој помага за полесно апсорбирање на калциумот. Недостатокот на калциум води до рахитис (омекнување и деформирање на коските) кај децата и остеопороза кај возрасните. Витаминот Д помага за побрзо зараснување на повредите на коските кај повозрасните луѓе.
Денес, познато е дека витаминот Д помага во заштитата и лекувањето на многубројни заболувања како некои видови рак (на дојката, на простатата, на дебелото црево), мултиплекс склероза и Алцхајмеровата болест.
Експертите препорачуваат дневно да се внесуваат 5-15 микрограми витамин Д. Многу истражувања покажуваат дека со консумирање на 20 микрограми дневно, се намалува ризикот од остеопороза.
Најголем дел од експертите сметаат дека дневното внесување на вкупно 25-50 микрограми витамин Д, од различни извори (сонце, исхрана, додатоци во исхраната) е идеално за зачувување на добро здравје.
Сонцето навистина е најважен извор на витамин Д, но сите знаеме колку е штетно изложувањето на сонце. Затоа, подобро е да внесувате витамин Д преку исхраната или со консумирање на додатоци богати со витамин Д.
Витаминот Д најмногу е застапен во месото од риба, рибиното масло и жолчката од јајцето. Но, има и некои продукти во кои производителите по вештачки пат додаваат витамин Д. Такви продукти се: корнфлексите, кравјото млеко, сирењето и маргаринот. Сепак, производителите не се задолжени да го прават тоа, па затоа ако сакате да купите продукт богат со витамин Д, побарајте информација за составот на продуктот на неговата етикета.