Емоционалните манипулатори се многу вешти во играњето на своите игри, создаваат некој вид на илузија во вашиот ум, која е мошне тешко да се прозре. Обрнете внимание на овие знаци за следен пат да не наседнувате на неговата приказна…
Прават да верувате дека сè е по ваша вина
Емоционалните манипулатори нема веднаш да ја покажат својата злоба: во почетокот ќе бидат многу шармантни и сочувствителни. После тоа ќе следуваат моменти во кои една минута ќе се расправате, а во наредната со најсладок тон ќе ви рече дека сè е во ред, дека не сака да се расправа со вас и дека знае дека ви е тешко да се воздржите од изливот на емоции, на тој начин префрлајќи го фокусот од проблемот на тоа дека целата расправија на некој начин била ваша вина, а тој е недолжна жртва. Емоционалните манипулатори во своите очи никогаш не се виновни за ништо. Тој е совршен, а вие сте дефектни, крај на приказната.
Прави секогаш да се сомневате во себе
Манипулаторот ќе менува, извртува и измислува информации за поминати настани со намера да ве збуни и да ве наведе да се посомневате во сопственото помнење и сопствениот здрав разум, особено тогаш кога нема изговори за сопственото однесување и кога фактите сосема очигледно не му одат нему во корист. Додека лаже е прилично самоуверен, па така секогаш вие ќе бидете таа страна која се прпеиспитува себе си.
Ве влече на дното
Емоционалниот манипулатор знае дека нема многу позитивни квалитети, па ќе се обиде да ја превземе контролата над вашиот начин на живот и начинот на кој размислувате – бидејќи, ако навистина размислувате со своја глава во тој момент, би сфатиле дека заслужувате многу подобро. Наместо тоа, ќе ве наведе да помислите дека сте неспособни, бескорисни, грди и глупави, па поради тоа ќе се фаќате за него како давеник за сламка, живеејќи во илузија дека тој е најдобриот партнер кој можете да го имате. А кога во целост ќе ја скрши вашата самодоверба, со вас ќе може да прави што сака
Се обидува да ве изолира од друштвото
Ќе ве спречува да се гледате со своите пријатели, затоа што тие потајно имаат нешто против него и наскоро ќе се обидат да ве убедат да го оставите. Тој целото свое време и животни напори ги вложува во вас и не може да се соочи со тоа да гледа како други газат по неговиот труд, злонамерно давајќи ви лоши совети и водејќи ве на погрешен пат. Ќе ве убеди дека тие навистина не се во состојба да разберат колку тој ве сака и ќе се обиде да ве убеди дека пријателите не ви се потребни од проста причина што покрај себе го имате – него.