Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска ја посети компанијата „Соко Горица“ ДООЕЛ Скопје.
При посетата, како што соопштија од неговиот Кабинет, вицепремиерот Битиќи се сретна со сопственичка на компанијата Горица Спасеска, која успешно работи веќе три децении и претставува инспирација и мотив за сите жени претприемачки во нашата земја.
„ „Соко Горица“ е извозно ориентирана компанија, тие извезуваат 97 проценти од производството во над 45 земји на пет континенти, што ја прави конкурентна на меѓународниот пазар. Среќен сум дека оваа домашна компанија е во моето портфолио за поддршка на инвестиции, затоа што тие континуирано инвестираат во автоматизација на производниот процес, во што партнерски ги следиме и поддржуваме постојано со финансиска поддршка“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека особено го радува последна инвестиција на „Соко Горица“ во истражување и развој, каде тим на инженери и техничари ќе работат на создавање на техничко-технолошка шема на производство со висок степен на автоматизација и роботизација.
„Ова е иднината и новата економија која го следи развојот на 4-тата индустријализација, само вака нашите компании ќе ја зголемуваат нивната конкурентност, додадена вредност на производството и одржливоста и растот на долг рок. Оваа мерка за поддршка на инвестиции во истражување и развој. која ја воведовме пред повеќе од една година, веќе дава резултати. На крајот на 2022 година исплативме рекордни 23 милиони евра, државна поддршка кон 410 компании, токму вакви како „Соко Горица“. Компании кои и покрај кризите инвестираат, се развиваат и се стабилни за нивните вработени, кои ги гарантираат нивните работни места и отвораат нови“, изјави Битиќи.
Како што се наведува во соопштението, „Соко Горица“ е домашна успешна компанија, семејна традиција која датира од 1994 година специјализирана во производство на овошни и освежителни пијалаци пакувани во популарните мали пакувања (200 милилитри), светски познати како Doy-pack.
Сопственичката Горица Спасеска изрази голема благодарност до Владата за државната помош што и ја дава на компанијата, додавајќи дека тоа влијае на нивната перформанса и ги прави конкурентни на пазарот.
„Благодарни сме за поддршката која ја добиваме во последните 5 години, првиот договор заврши, сега го потпишавме вториот договор за инвестиции кои планираме да ги направиме во наредниот период. Нашата генерација полека си заминува во логистика и доаѓаат млади. Се надеваме дека ќе има нови можности за соработка“, изјавила Спасеска.
Владата преку кабинетот на вицепремиерот Битиќи финансиски ја поддржува компанијата „Соко Горица“ со државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции за инвестициски циклус од пет милиони евра.
Пронајдете не на следниве мрежи: