Индија стана вториот најголем снабдувач на компоненти на Москва кои се под санкции за увоз за оваа земја, како што се микрочипови, чипови и машински алати, објави денеска Блумберг, цитирајќи американски и европски претставници.
Вредноста на ваквата стока извезена од Индија во април и мај надмина 60 милиони долари, што е двојно повеќе во однос на претходните месеци, додека во јули достигна 95 милиони долари.
Според овој показател, само Кина е пред Индија, наведува американската агенција.
Според последните податоци, речиси една петтина од компонентите кои стигнуваат до рускиот воено-индустриски комплекс пристигнуваат таму преку Индија, пренесува „Блумберг“.
Додека Западот се обидува да спречи таква стока да дојде во Русија преку Турција и Обединетите Арапски Емирати, наводно се појавиле нови посредници за да ги заобиколат антируските санкции, кои покрај Индија ги вклучуваат Малезија и Тајланд, според официјални лица запознаени со ова прашање.
Зголемената соработка со Русија ги налути САД и Европа, а во јули заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адејемо, напиша писмо до високите претставници на Конфедерацијата на индиската индустрија, во кое ги предупреди индиските компании дека ќе се соочат со санкции доколку имаат бизнис со рускиот воено-индустриски комплекс.