Богата рустична пита

Состојки
500 гр брашно
20 гр тазе квасец
100 мл млеко
100 мл вода
100 мл масло
1 јајце
1 белка
1 лажичка сол
1 лажица шеќер
За фил
400 гр сирење или урда
100 гр чадена печеница
50-100 гр кашкавал
2-3 гранчиња листови магдонос
За премачкување и посип
1 жолчка
1 лажица млеко
сусам по потреба и желба
50 гр путер

Оваа рустична пита доби многу убави комплименти во однос на вкусот. Особено мека, со богат фил, може да се јаде и топла и ладна, а за нејзината подготовка не ви треба некое посебно време да поминете во кујна.
Во последно време најчесто за подготовка на тесто го користам миксерот, кој не сум го сакала и воопшто не сум се ниту обидувала да го користам. Јас сум учена на рака да месам, баба ми така месеше, а и мајка ми сеуште така меси. Но за да си ја олеснам работата и си го скратам времето за подготовка почнав да си ги користам поефикасно апаратите кои ми се при рака, а и се за таа намена. И да ви кажам, човек се учи додека е жив, прекрасни теста излегуваат.
Подготовка
1. Ги затоплуваме водата и млекото. Во нив ги ставаме квасецот и шеќерот. Оставаме 10 минути за да се активира квасецот.


2. Во садот од статичниот миксер ставаме јајце, масло, сол, го додаваме нараснатиот квасец со течноста и соединуваме. Брашното го доставаме постепено, додека миксерот веќе ја соединува смесата. Нека поработи така околу 10 минути, убаво да се измазни и да стане еластично тестото.
3. Го оставаме во садот и го покриваме со најлонска фолија, оставаме да стаса, да се дуплира.
4. Откако ќе стаса, го размесуваме и со сукало или оклагија го расукуваме во круг кој за неколку сантиметри е поголем од тавче со бр. 28. Го ставаме тестото во тавата, а дел од него треба да ни виси по раб.
5. Го распоредуваме сирењето, па листовите печеница, рендаме кашкавал, и ставаме сечкан магдонос.


6. Страниците од тестото ги ставаме навнатре и ја вклучуваме рерната да ни загрее на 200 степени. Додека загрева рерната, тестото ќе стаса.
7. Од страните го премачкуваме со разматена жолчка со млеко, посипуваме сусам, и врз него рендаме путер.
8. Печеме додека да поцрвени или околу 20 минути. Откако ќе се испече го оставаме да се подизлади, пред да го конзумираме.
Забелешка
Бидејќи користам Делимано тави, тавите не ги премачкувам со ништо, тестото директно го ставам во тава.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.