Браво! Злато за македонските информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Кутаиси, Грузија

На 7-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023), која од 8-ми до 14-ти септември се одржува во Кутаиси, Грузија, младите македонски информатичари го постигнаа досега најголемиот успех: освоен е првиот златен медал за Македонија во историјата на ова натпреварување.

Златниот медал на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалба, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување на олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот).
Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.