Уште малку ќе се наврши една година откако државата не издава дозволи за увоз на т.н. снус – кесички за орална употреба со висока концентрација никотин, а производот, кој е особено популарен кај младите, и понатаму лесно се наоѓа по трафиките. Како е можно производ кој е забранет за увоз толку долго време сè уште да го има во малопродажба? Дел од институциите се прогласуваат за ненадлежни, дел не можат да најдат основ за постапување, а дел молчат
Никотинските кесички, популарно наречени „снус“, се производ кој слободно се увезуваше во Македонија до април 2023 година. Тогаш државата го забрани увозот, но преостанатите количини останаа по рафтовите.
Спорни се лесната достапност за малолетниците и начинот на користење, бидејќи се работи за кесички што содржат голема концентрација никотин кој предизвикува висока зависност. Можни се и здравствени проблеми. Кесичката се става во устата помеѓу усната и непцето, а никотинот посредно навлегува во крвотокот.
Речиси една година откако „снус“-от е забранет за увоз, проверивме дали и колку е достапен да се купи. По кратка обиколка низ главниот град никотински кесички купивме на неколку продажни места што беа добро снабдени со различни вкусови. Претходно една кутија „снус“ чинеше околу 300 денари, а сега е поскапена – на околу 400. Како е можно производ што е забранет за увоз во земјава и натаму слободно да се продава?
Тргнавме да бараме одговори од надлежните институции.
Првично, дозволата за увоз ја дал Државниот инспекторат за земјоделство. Го третирале како тутунски производ што е опфатен со Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи. Но, откако разбрале дека производот не содржи тутун, во април 2023 години оваа институција, како што тврдат од таму, почнала да ги одбива барањата за увоз бидејќи констатирале дека нема законска основа за тоа.
Вината за првичната дозвола за увоз решија да ја бараат во службеникот што ја издал. Сега ги прашавме дали во меѓувреме нешто се сменило и дали е направен увоз или и натаму важи забраната.
„Државниот инспекторат за земјоделство нема информации дали е направен увоз на никотински кесички. До Државниот инспекторат за земјоделство не се поднесени барања за дозвола за увоз на овој производ“,
велат од Инспекторатот.
Бидејќи во Инспекторатот не знаат дали е направен увоз, прашавме во Царинската управа. Оттаму, и покрај нашето инсистирање, не ни одговорија.
Од Државниот пазарен инспекторат, пак, велат дека не е во нивна надлежност да ја контролираат продажбата на никотинските кесички или да ги повлечат од рафтовите. Прстот го вперија во Државниот инспекторат за земјоделство.
„Ако некој дозволил да се направи увоз на тој производ и понатака забранил, треба да ја истера постапката до крај и ако има некаква опасност од тој производ да прати известување. Кај нас досега не е стигната претставка во однос на вакви никотински кесички ниту, пак, како институција имаме добиено известување дека е пласиран таков производ на пазарот. Кога ние би знаеле и секако ако ни дадат насоки и ингеренции за постапување, Пазарниот инспекторат секако би постапил“,
вели Милена Цветановска – портпарол на Државен пазарен инспекторат.
Во околности во кои дел од институциите се прогласуваат за ненадлежни, дел не можат да најдат основ за постапување, а дел молчат – од Државниот пазарен инспекторат имаат предлог.
„Тогаш институциите треба координирано да постапат и после оваа иницијатива ние како Пазарен инспекторат ќе иницираме заедничко постапување за да видиме како може да се реши проблемот“,
додава Цветановска.
На декларацијата стои дека производот е наменет само за возрасни. Но, во нашите претходни теренски истражувања снимивме како и деца немаат проблем да дојдат до него. Ни помогна момче кое е деветтооделенец и има 14 години. Со дозвола од неговите родители и со заштитен идентитет тргна да пазари „снус“. Со леснотија купи во сите продажни места во кои побара и никаде не го прашаа колку години има.
Направивме и анонимна анкета меѓу средношколци која потврди масовна злоупотреба на овој производ. Повеќе од разговорот со средношколците погледнете во видеото.
Тоа била причината во скопската гимназија „Орце Николов“ на почетокот на второто полугодие на учениците и родителите да им се подели материјал со информации за штетните последици по здравјето на младите што може да ги предизвика злоупотребата на никотински кесички.
„Родителите прво искажаа задоволство за нашата иницијатива меѓутоа и едно сознание дека некои од нив и виделе такви кутивчиња дома итн. Имавме препорака родителите да зборуваат со учениците, да се советуваат што значи тоа, кои ефекти ги има и кои би биле последиците затоа што верувам дека дел од учениците и не се запознаени за последиците кои секако можат да им го нарушат и здравјето и да ги попречат во секојдневните активности“,
вели Ана Попризова – психолог во гимназија „Орце Николов“ – Скопје.
Училиштата работат според официјално упатство за изрекување педагошки мерки на ученици во случаи кога се работи за поседување алкохол или психоактивни супстанци. Но, никотинските кесички и за училиштата се нова и непозната околност.
„Сега, во овој случај, ова е нова ситуација за нас. Сè уште немаме јасна регулатива за тоа како оваа супстанца се третира во нашата држава но, сосема информативно кажувам, добро е родителите да знаат за ова и да знаат и за овие педагошки мерки и да зборуваат со учениците во насока на воспитување“,
смета Попризова.
Кога начинот на продажба и користење би биле законски регулирани, веројатно ќе биде далеку помала злоупотребата на овој производ првенствено наменет за одвикнување од пушење цигари и за пушачи кои се на место на кое пушењето е забрането.
Во многу европски земји никотинските кесички се забранети, а во други се води дебата дали да се дозволи продажбата, која секако би била законски регулирана. Кај нас тие се во сива зона – ем се нелегални за увоз, ем ги има во легална продажба.