Вкусни мантии

Состојки
За тесто
1 кг брашно
1 лажичка сол
2 лажици масло
620 мл млака вода или по потреба
За фил
500 гр мешано мелено месо
3 главици кромид средна големина
1/2 лажичка бибер
1 лажичка мешан сув зачин
сол по вкус
прстофат морско оревче
1 лажичка буковец
масло по потреба
Дополнително
2-3 лукчиња
200 мл густ јогурт или кисело млеко

Мантиите се традиционално босанско јадење, но ги подготвуваат и домаќинките од Турција, Санџак и Косово. Впрочем тоа е пита со месо, ама подготвена на лиснати залчиња и прелиена со кисело млеко. Навистина ми беа предизвик да ги подготвам, а ги прилагодив по наш вкус, со мешано мелено месо…
Превкусни се!
Подготовка.
1. Замесуваме тесто со млака вода. Потребно е убаво да се умеси. Го делиме на три топчиња и секое топче го расукуваме со дијаметар околу 20-25 см. Го премачкуваме обилно со масло и го оставаме така да постои околу 20 минути.
За тоа време го подготвуваме филот за мантиите.
2. Кромидот го сечкаме на ситни парченца. Го соединуваме со месото и го ставаме да се упржи, додаваме масло по потреба. При крајот на пржењето додаваме зачини и посолуваме.
3. Сега земаме едно од расуканите парчиња тесто кое веќе го впило маслото и го растегнуваме внимателно на маса или на чаршав. Ако ни е дебелко на краевите, му ги отстрануваме. Откако ќе го растегнеме, го преклопуваме од едната страна, само на почетокот од кругот и му ставаме фил. Од другата страна исто го преклопуваме и потоа го роламе или го подигнуваме чаршавот да се смота во долг и тенок ролат.
4. Сега ролатот го сечкаме на мали парченца кои ги редиме во намрсено тавче. Ги премачкуваме со масло и ги ставаме да се печат на 200 степени.
Вака ги подготвуваме и останатите две кори.
5. Откако ќе се испечат мантиите ги премачкуваме со јогурт или кисело млеко во кке сме ставиле пасиран или сечкан лук и пак на кратко ги враќаме во рерна.
Забелешка
При подготовка на тесто за тегнење, многу е важно убаво и подолго да се меси тестото.
Моево тесто толку фино се растегнуваше, што немаше потреба да му ги отстранувам краевите.
Од напишаниве состојки подготвив мантии во две тави и тоа со бр.24 и бр.26.
Во едната ставив во преливот лукче, а во другата не. Во првата тава ги намачкав со јогурт само од краевите за да ви ја покажам разликата на прелиени и непрелиени мантии.
Можете и поголемо количество на прелив да ставите, ама тоа по вкус и желба.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.