Овој статус требаше да биде коментар на еден мој пост, кој пак беше инициран од коментарот на Емилија Гелева кој гласи: Владимире, а прво да го прочиташ договорот, внимателно и во целост… Нејзиниот коментар беше надоврзан на еден друг коментар од еден мој пријател Благоја Куновски кој искажува некаква дилема околу тоа дали придавката требало да стои како North или Northern. Јас веќе почнав да пишувам коментар во вид на одговор, но ми се причини дека ова ќе биде малку долго за коментар и решив да го напишам како статус, а нејзе, таму доле на постот и објаснив дека одговорот на нејзиниот коментар го имам напишано како статус кој може да го види кај мене на профил. Еве повелете!
Да Емилија, внимателно го прочитав, Вчера кога му го напишав коментарот на Доре (оној пред твојот) го немав прочитано, од проста причина што договорот сеуште не беше излезен по социјалните мрежи, ама вчера вечерта го најдов и го прочитав. Не знам што од него ти е спорно па за тоа да разговараме. Еве, би кажал нешто за оние работи кои мислам се главни во договорот, а кои некои ги сметаат за спорни. Прво, член 1, став 3 е потполно во согласност со нашите позиции. Во името го има терминот Македонија, нешто што до скоро ни беше научна фантастика дури и кога би помислиле на тоа. Националноста е Македонска, се разбира со додавка дека се работи за граѓани на Северна Македонија која само во овој договор се гледа а никако во јавната комуникација. Јазикот ни е Македонски онака како што е заведен во ОН. Искрено се воодушевив кога разбрав (не знаев до сега) дека ОН го потпишала тој указ за Македонскиот јазик во Атина. Второ, знам дека за некои луѓе е проблем членот 7, она околу „сфаќањето на термините Македонија и Македонски“, ама ние како и да свртиме – зборуваме Словенски јазик кој го одредува нашиот идентитет, но и границите на нашата држава се посеверно од Македонската постојбина на Александар, така што многу тешко (нагласувам: многу тешко) дека некој од Северна Македонија ќе може да си го гради својот углед пред меѓународната јавност (да не спомнувам некоја друга потешка комбинација од зборови од типот на „ќе заработува на фактот…“) дека е некаков си потомок на Александар и неговата држава. Јас мислам дека сега и во Грција, и самиот Александар да се појави ќе мора убаво да се намачи да докаже дека Тој е баш Тој. Но шегата настрана. Тоа е факт и од тој факт не може да се избега. Инаку, во врска со ова, како што знаеш, Ципрас вчера најотворено изјави дека ниту тој, ниту билокој од нивна страна е способен да му забрани некому (како поединец) од наша страна да го смета Александар и неговата империја како свое наследство. сметајќи на она дека оној што е вистински Македонец секогаш ќе го почитува Македонското, макар што е тоа одредено со доста параметри и, најпосле, со еден предуслов кој е од меѓудржавна-политичка природа, а кој се нарекува: меѓународна граница. Со ова, тој точно го има забележено оној момент кој обзнанува дека со тоа почитување се изразува интимната, личната и исконската припадност на секој кој е обземен од длабокото чувство кон Македонството . (Можев да напишам и „..кон Македонштината“ , но тој збор ми делува далеку погрубо од „Македонството“)
Во договорот, овој момент, моментот околу правото за користење на тој сегмент од Македонската историја е малку попрецизно нагласен во членот 8 кој се однесува на употреба на симболите од времето на Античката Македонска држава и токму затоа сметам дека е дојдено времето да бистро и со ладни глави се соочиме со тоа дека ние, Македонците од Северна Македонија, изгледа дека ќе немаме право повеќе да ги употребуваме. (Се надевам дека ова нема да важи само за споменикот на Александар и на Филип за кој рекоа дека ќе си останат таму кај што се, но дека ќе мора за нив да стои извесна фуснота дека се дел од Хеленската историја, за што исто така се согласувам дека е факт) Тоа е едно погубно чувство за нас кои исконски си ја сакаме Македонија но од друга страна мислам дека е тоа своевидна санкција од метафизичка природа за некои кои, откако се осамостоивме од Југолавија и откако го добивме чистиот предзнак „Македонци“ (без да бидат обременети од фактот дека тие самите се склоп од ставови и мислења од некое друго миље, со таков соц-реалистички менталитет, со сосема други сфаќања и навики спрема тој дел од историјата што ги тераше да се однесуваат спрема него како спрема нешто што не го разбираат докрај но кое би било извонредно ако би можело да се склопи како своја лична историја, како бајка за самите нас во историјата за која вреди да се помачиш да ја „продадеш“,) најнападно, најбезобрзно, да не речам најпростачки се обидоа да заработат од таа среќна околност која за нив се пројави како победничко чувство што им потшепнуваше дека наводно сме се „востоличиле“ во наследници на таа славна држава. Тие сосема други сфаќања и навики спрема тој дел од историјата заработени во социјализмот најочигледно се забележливи во фактот дека тие таквите, „наследниците“ на големата империја, во својата намера да се „опслужат со своето“ воопшто не ја земаа предвид Грција, па глумејќи наследници на големите Македонци, не забележуваа дека во очите на светот се само FYROM-ци и ништо друго. Можеби понекогаш ќе се оттргнеа од своето суетно себевеличие, особено по некои Божји предупредувања или предупредувања од меѓународната заедница во вид на кризи, војни (конфликтот 2001-ва) па откако данокот ќе го платеа граѓаните и сите оние кои искрено ја сакаа Македонија како постојбина, после тоа, многу скоро, повторно ќе ги опфатеше помислата дека и понатаму добро ќе може да се заработува од неа, но и да се наметнува впечатокот, упорно да се наметнува сопственото мислење за неа како своја своина со земање право да се повикува врз принципите на нејзиното постоење но и да се затскрива зад неа и така да се заштитува себе самиот позади симболиката на тој историски авторитет, со еден збор, да се профитира од неа. Се извинувам за мојов термин „профитира“, но тој најприкладно го одразува она што се случуваше под површината на појавната страна од тоа што се нарекуваше македонска приказна. Одредени акции од страна на некои луѓе, навистина и не можат поинаку да се претстават освен како „профитирање“ иако тие таа своја акција повеќе би сакале да ја пролиферуваат ( а тоа тие и го правеа) како популаризирање на својата квази-романтичарска приказна за некоја дамнешна постојбина од која тие наводно потекнуваат. Нападно се шминкаа со националните бои, сЕ со една цел: стекнување углед пред меѓународната јавност. Им се додворуваа со тоа што им глумеа величини изнедрени од историската Македонија. Еве, токму ним им се обраќам и ги прашувам:
-Дали навистина мислевте дека луѓето од меѓународната се толку недоветни и не можат точно да го разграничат значењето на тие симболи што така безгрижно ги преиначувавте, а со тоа и обезврднувавте, претварајќи ги во евтина бижутерија – од вашата намера да заработувате од нив? Па самата ваша намера да ги искористувате, ве апстрахира од нив. Македонија не се искористува, Македонија се сака. Ако не ја сакаш искрено и од длабочината на срцето, едноставно не е твоја. Целата таа естрадизација на термините Македонија, Александар, Македонство, Антика, сето тоа ви ја разоткрива вашата непринципиелна намера за искористување. И точно во тоа лежи перфидноста на тој вид постапка, тоа -, што вие мислите дека со тоа што така безобразно ја девалвирате духовната димензија на Големата приказна – дека на тој начин пред светот најверно сугерирате дека ја поседувате, дека ја имате. Таа употреба на симболите е комплетна естрадизација, а јас се згрозувам од лоша естрада. Претпоставувам и другата (во договорот: првата) страна. Тоа е таа ваша постапка: фолклоризирање на традицијата употребувајќи ја за лажна себепромоција. Она кога во кич наместен ресторан, во таканаречен фолклорен стил, со некакви черги обесени по ѕидовите за кои газдата, со тоа што ги поставил таму, му сугерира на странскиот гостин дека се работи за фолклор: Со служење на „традиционална“ ајдучка плескавица и турски ќебап и под благопријатните звуци на песната:… чеда сме на Александар, гордост Македонска…“ И сите пеат. А гостите од меѓународната јавност се интересираат за тоа што луѓето пеат и прашуваат: What this song is talking about? А газдата целиот стопен од среќа што го прашале баш тоа прашање баш на точната песна, услужливо им одговара: About Macedonians, about our hero Aleksander!. А странците откако ќе видат колку е саат само лаконски одговараат: Oh yes? Nice!, и си продолжуваат со закуската продолжувајќи со меѓусебниот разговор во кој биле прекинати од гласното пеење на зарипнатиот музикант поддржан од шабанајзерот на кој свири. Имате дебела грешка пријатели мои. Александар сигурно дека не слушал народњачка музика. Од она како се одвивала битката за светот до крај (битката за дотогаш познатиот свет) повеќе би рекол дека слушал транс отколку народњаци. Борбен занес не може да се створи од народњаци. Од народњаци би можела да се створи извесна намера за сугестија дека „цврсто“ стоиш позади она за што пееш. Плачеш, ридаш, рониш крокодилски солзи, нападно им свртуваш вниманието околу тебе дека страдаш за својата мила Македонија…Најмногу толку може да се добие од интерпретирање на естрадна народњачка музика. За борбен занес треба некој друг вид музика. Зошто го кажувам ова? Заради борбениот дух, заради хероизмот во неговата личност. Тоа е хероизмот. Тоа нема ништо заедничко со вашата естрадизација. И немојте да мислите дека тоа не се гледа. Се гледа. Вие преку тоа што наводно се застапувате за Александровата историја се обидувате да си обезбедите некакво херојско гледиште на вас од страна на другите луѓе. Во тоа се огледува вашата намера за искористување. А колку е тоа површно и лажно не можете да го согледате затоа што вашата свест во однос на ова прашање е насочена само и исклучиво само кон искористување и личен профит. А во безочната, алчна насоченост кон заработка (ох каков ли парадокс: материјална заработка од една сосема духовна твар) нема ништо херојско. Хероизмот не се обезбедува со „стекнување на „позитивно“ гледиште врз себе,“ или „наткачување над историските собитија“, хероизмот се обезбедува исклучиво со храброст и доблест.
Но тоа и не е единствената и најголема причина зошто повеќе немаме право на тие симболи. Едноставно просторните прилики кои на Грците им овозможуваат да ги употребуваат тие симболи затоа што тоа контемпоралните, просторни услови во кои живеат (или да се изразам појасно: приликите “овде и сега“) им го одобруваат тоа, работат поразлично отколку во нашиот случај. Историските околности и збиднувања, и мислам, и нашата неажурност околу тој дел од историјата (мислам на оној став: Ние сме Македонци – значи Александар е наш!) без да се работи врз себе viz a viz суштината на тоа прашање, едноставно проработиле во нивна полза и мислам дека колку побрзо и полесно го сфатиме тоа, толку подобро за сите нас. Тоа е. Судбина. Лоша поставеност на коцките. Лошо образование кое не само не нЕ поттикнувало туку и нЕ одвраќало од помислата дека би можеле да имаме нешто заедничко со тој дел од историјата. „Древната Македонска држава нема ништо заедничко со денешната СРМ“, парафразиран цитат на мојата наставничка по историја во основно образование, чинам VII или VIII одделение. Како сакате наречете го. Толку е. Крај на прикаската. Но друго ми беше зборот.
Има уште една работа која би можела да е спорна, а тоа е менување на топонимите. Па ги прашувам загрижените околу тоа прашање. А што досега се направи за македонските топоними кои беа менувани? И зошто сега се реагира, а не тогаш кога ги менувале? Еве јас ќе ви кажам. Сега се реагира затоа што е завршена таа постапка и сега само се официјализира, па да не излезе дека не сме се бунуле – еве сега се буниме. Сега, кога знаеме дека е готово. Да не излезе дека сме ќутеле кога ни ги преименувале топонимите. А додека траел процесот, полтронски сме одобрувале и сме се праеле наудрени кога некој нешто ќе не прашал за таа работа, а нE прашувал баш нас – заради тоа што – тоа било наша работа. Еден куп научници се испојавија во завршниов период, стручни околу јазикот, имињата итн, итн,..а тогаш кога требало да биде нивната главна работа никаде ги немало. Е тоа ви е вашиот хероизам и борбен дух. Тоа ви е вашата заложба за своето. Тоа ви е грижата за сопственото. Ова е исто со сите оние прашања што се наметнуваат и во врска со она „што ќе сме правеле со Македонското малцинство во Грција“? Го гледам вчера и Претседателот. Истото прашање. Ај еве прашање од моја страна: А што досега ти си направил за Македонското малцинство во Грција? Или она: Ќе се менувала преамбулата во Уставот, ќе ја избришеле Крушевската Република од преамбулата. Па Крушевската Република стоеше во преамбулата како отслик за некоја ситуација на мултиетничност за која Претседателот како некаков демократ (ама национално определен) политички се залага и која е, by the way, само нагласена во она што тие го викаат манифестот на Крушевската Република. Тоа не е манифест на Републиката, тоа е манифест на востанието. Едноставно, востаниците увиделе дека ако не ги известат Турците и Арнаутите кои живееле по некои од околните села дека ќе креваат востание, дека постои опасност тоа население да помисли дека се креваат против нив. Во таква ситуација сигурно губат. Настрана аскер, настрана башибозук,…Па згора на тоа и локалното несловенско население. Манифестот што го пратиле бил гаранција дека барем од рајата (со која социјално биле во иста позиција) нема да мораат да се плашат. И тој манифест им дошол како „кец на десетка“ тогаш кога го пишувале граѓанскиот Устав на РМ во `91-ва г. за тоа дека, еве во Македонија имало традиција на некаква мултиетничност. И што би можел Крушевскиот манифест да каже нешто повеќе околу мултиетничноста, отколку Устав на една држава која претендира да биде граѓанско општество, напишан според стандардите на уставите на големите демократски држави? Тоа е улогата на Крушевската Република во Уставот, ама сега се праи фама дека со тоа што ќе се тргне се подриваат основите на нашиот идентитет и не знам ти уште што…
Ете, тоа е околу договорот што имам да го кажам во овој момент. Мислам дека во догледно време кога ќе дојде на расправа во парламент и уште нешто би можел да додадам,..ама во главно, тоа е..