Грција нема да дозволи отворање на нова рута за нелегална миграција, вели Мицотакис

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека мигрантската криза се вратила во Грција во форма на „вонредна и задушувачка ситуација“, овој пат на јужните морски граници на земјата, и дека властите нема да дозволат да се воспостави нова рута за нелегална миграција низ земјата.

„Нашата порака е јасна, Грција нема да дозволи да се воспостави нова рута за нелегален влез во земјата, ниту во Европа. Исто како што направивме во 2020 година, сега ќе направиме сè што е потребно за да ги спречиме“, рече Мицотакис во својот редовен неделен извештај за работата на владата, објави денеска грчкиот весник „Катимерини“.

Тој нагласи дека се преземаат вонредни мерки за затворање на рутата од Северна Африка.

„Во оваа смисла, ја повикуваме Либија да соработува. На крајот на краиштата, односот на оваа соседна земја со Европската Унија тече токму низ Грција. Нашата позиција е експлицитна, но легитимна и оправдана. Притисокот е реален, а нашиот одговор е јасен, Грција нема широко да ги отвори вратите и да се изложи на опасност“, нагласи грчкиот премиер.

Тој додаде дека миграцијата не е привремена криза, туку, како што наведува, реалност што ја менува формата, се интензивира или се повлекува, но никогаш не запира.

Пронајдете не на следниве мрежи: