Дала отказ, вложила сѐ во стартап и сега поседува компанија вредна милијарда долари

„Зилинго“, сингапурска модна платформа која собира повеќе од илјада трговци со облека од Југоисточна Азија, се приближува до пазарна вредност од милијарда долари.
Можеби е изненадување за многумина, но на чело на оваа азиска интернет-трговија е 27-годишната Анкити Босе. Пред пет години таа била само една млада аналитичарка во инвестициската компанија „Секуоиа Индија“ со идеја за основање моден стартап, а во 2017 година нејзиниот стартап веќе бележел приходи од 1,8 милион долари.
Инаку, жените основачи на стартапи се многу ретки во светот. Гледајќи ги компаниите со вредност од барем милијарда долари, од 239 стартапи низ светот жените се на чело на само 23.
– Бевме екипа од млади со по 20 и нешто години и немавме ништо освен сон кој решивме да го следиме – вели Босе присетувајќи се на почетоците кога се здружила со својот сосед, софтверскиот инженер Друв Капур и презела ризик.


Таа дала отказ во „Секуоиа Индија“ и вложила 30.000 долари сопствена заштеда во „Зилинго“. Вели дека тогаш работела и по 18 часа дневно.
На почетокот на малите трговци со облека им нуделе онлајн-платформа преку која полесно би доаѓале до купувачи. Но, со развивањето на софтверот тие успеале директно да ги поврзат доставувачите и текстилните погони од Бангладеш до Виетнам. Објавата на производот на страницата е бесплатна, а „Зилинго“ приходи остварува преку наплаќање провизија меѓу 10 и 20 отсто на секоја порачка.
Инаку, процените се дека пазарот на онлајн-шопинг во Југоисточна Азија, кој лани беше проценет на 23 милијарди долари, до 2025 година ќе надмине и 100 милијарди долари.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.