ВМРО-ДПМНЕ го дочека Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти октомври, во атмосфера на чистки, внатрешни поделби и без надеж дека ќе се демократизира под палката на сегашното раководство…
„Чекорење од грешка во грешка“, „Потег на очајници“, „ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски “… Ова се дел од коментарите на социјалните мрежи, од сите оние што очекуваа дека седницата на Централниот Комитет (ЦК) на најголемата опозициска партија ќе донесе решенија што ќе ја вратат ВМРО-ДПМНЕ на патеката на модерна европска десница. Таквите очекувања паднаа во вода, откако седницата заврши како класична пресметка со сите што не го следат слепо ставот на партиското раководство. „Браво, еднаш засекогаш да расчистиме со предавниците“, „И други треба да се исклучат“, порачуваат приврзаници на Мицкоски, најавувајќи апетити за натамошни чистки. Барањето на ЦК матичниот општински комитет да поведе дисциплинска постапка и да го исклучи од членство Сашо Мијалков, речиси и беше „најавено“ со оглед дека приврзаници на Мицкоски тоа го шпекулираа во изминатите денови, оценувајќи го како главен виновник за „одметнувањето“ на осумте пратеници. Но, изненадување е што партијата побара и исклучување од членство на поранешниот висок партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров. Негов „грев“ беше што изјави дека треба да се излезе на рефeрендумот, дека на ВМРО-ДПМНЕ не му одговараат предвремени избори, бидејќи го има изгубено коалицискиот потенцијал и дека ќе изгуби на избори ако се соочи со евентуална коалиција меѓу партиите од сегашната власт. По ова Тодоров беше „масакриран“ на социјалните мрежи од приврзаниците на партиското раководство.
Сепак, најголемо изненадување е разрешувањето на партискиот потпретседател, Митко Јанчев, човек со голем углед меѓу членството и еден од најуспешните градоначалници од редовите на оваа партија. Како што соопшти партискиот потпретседател Александар Николоски, Јанчев е разрешен „поради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи“.
Овие тешки зборови, Јанчев ги нарече „неосновани обвинувања кои се маска за неспособноста за прифаќање на различни ставови и кои покажуваат дека нема место за неостомисленици во врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Овие обвинувања како и симнувањето од функцијата потпретседател нема да ме направат помалку вмровец. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не е подготвено да оди напред, напротив многу круто и агресивно ги ‘чисти’ оние чии перцепции се насочени кон една таква модерна партија. Како градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ уште поуспешно ќе ја извршувам оваа функција, а за моето успешно менаџирање со општината сведочи скоро цела една година со голем број реализирани проекти“, изјави Јанчев.
Повеќе на: ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски