Денес е Источен петок-Балаклија, еве што треба да направите

Првиот петок по Велигден, е Источен петок – Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела заради што некои го викаат и Светол Петок, а заради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок. Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори. Востановувањето на овој празник се случило во чест на чудата кои се случувале на изворот кој се наоѓал покрај храмот “Животоносен источник“, посветен на Пресвета Богородица, во близината на Цариград. Храмот бил изграден по залагањето на царот Лав Велики во 5 век.
Според преданието, уште додека не бил цар на Византија, во ближниот орман Лав наишол на еден слеп човек, кој го довел до изворот на кој го измил и му дал да пие од водата, по што слепиот прогледал. Кога станал цар, на местото каде што се случило чудото, ѝ изградил храм на Пресвета Богородица, во знак на благодарност кон неа. Набргу после тоа, многуброен народ започнал да доаѓа во тој храм од сите страни, барајќи и наоѓајќи лек за многуте болести. Меѓу нив бил и подоцнежниот цар Јустинијан Први во 6 век, кој примајќи исцеление на тој извор, го обновил и проширил храмот кој бил срушен по земјотресот.
Царевите Василиј Први Македонец (9 век) и неговиот син Лав Шести Мудриот (9-10 век) повторно го обновувале храмот и изворот, од кои се точеле голем број исцеленија за народот и византиската аристократија.
Во синаксарот на овој празник се спомнуваат многубројните исцеленија, но и воскресението на еден мртовец, како чуда кои се случиле на храмовиот извор. Кон овој извор прибегнувале и исцеление добивале болните од беснило, тумори и рак, грозница, неплодност, како и болните од очни и душевни болести.
Народен обичај е во зора да се оди на најблискиот извор или вода, каде се мие, пие вода, бере цвеќе, се весели и се враќа дома дури навечер.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.