Д-р Колевска: Откриен е тест со кој преку крв се гледа дали во организмот има клетки на дури 50 различни видови на рак

„Сега имаме најнова имунотерапија, со која се отстранува штитот кој клетката на ракот го создава, а со помош на кој се штити од нормалниот имунолошки систем. Најновата имунотерапија го пробива тој штит, со што нормалниот имунолошки систем ќе може да ги нападне клетките на ракот и ќе може да ги отстрани. Имам доста пациенти кои требаше да живеат само три до шест месеци, но поминаа години, а ние сè уште се гледаме и тие се чувствуваат добро“, вели д-р Колевска

Едно од најголемите откритија во медицината во последно време, кога станува збор за ракот е тест, со помош на кој преку крв може да се утврди дали во организмот постојат клетки на некој од 50 различни видови на рак, информира за Мета.мк д-р Татјана Колевска, онколог, хематолог и медицинска директорка која ја води националната онколошка програма на американската компанија „Каисер Перманенте“ во Калифорнија.

Костадиновски за изјавите на Мицкоски: Ирелевантно е кој ги избрал уставните судии
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски информира дека Судот во текот на утрешниот ден ќе има редовен работен состанок на која ќе се утврдат имињата на експертите за подготвителната седница околу Законот за употреба …
ЛГБТ заедницата нема да помине добро; Трамп откри: Ќе ставам крај на лудилото
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва изјави дека на првиот ден од неговиот мандат, 20 јануари, ќе го запре „трансродовото лудило“, наведувајќи дека под неговата администрација ќе има два пола – машки и женски.„Ќе ставиме …

За д-р Колевска, Мета.мк веќе пишуваше во август годинава. Таа е родум од Скопје, а живее во САД. Неодамна беше гостинка во Белата куќа, како дел од нејзината работа во „Moonshot”, проектот на американскиот претседател Џо Бајден. Она што е интересно за неа е што таа е дел од тимот доктори составен од американскиот претседател, кој треба во следните 25 години да најде лек за ракот. Во интервју за Мета.мк, таа зборува за најновите дијагностички методи, како и за најновите достигнувања на светско ниво во однос на лечењето на оваа болест.

Што е она што е последно откритие на светско ниво кога станува збор за дијагностика на ракот?

Кога зборуваме за дијагностика и превенција на ракот, последно откритие засега е тест, со кој се вади крв и се тестира дезоксирибонуклеинска киселина од ракот која циркулира во крвта, односно се тестира дали некој од 50 различни врсти на ракот, се присутни во организмот на човекот. И не само што овој тест овозможува да се види дали вакви клетки се присутни, туку во повеќето случаи тој тест може да покаже од каде точно тој рак доаѓа. За повеќето видови тој тест ќе каже каде се наоѓа ракот, но засега нема научни студии кои имаат потврдено дека ако тестот е позитивен и дека ако било што се направи тераписки, човекот ќе живее подолго. Тие студии се во тек.

Во која фаза е примената на тестот и дали пациентите може да го користат?

Во САД може било кој да се тестира, тоа чини околу 970 долари. Се прави во лаборатории. Мора да се има упат, независно дали од матичен лекар или специјалист. Американската федерална агенција за лекови го нема одобрено тој тест за широка и стандардна употреба во праксата, бидејќи сè уште има големи студии што се вршат во Америка, пред тој да може тој тест да се одобри и да има поширока примена.

Моментално, бидејќи нема доказ дека ако се направи тестот и ако нешто се открие, тоа ќе помогне некому да живее подолго, не се препорачува тестот да се прави масовно. Бидејќи, ако се најде нешто на тестот, па потоа сите скенови и радиологии докажат дека наодите се уредни, тогаш пациентот би поминал низ голема траума оти би бил во исчекување дека нешто има и ќе живее во страв. Затоа во моментов тоа не се препорачува како стандарден тест, бидејќи сè уште е во наука. Дали има шанси дека тој ќе биде еден од големите откритија во медицината? Дефинитивно да, но за тоа мора да почекаме, да ги видиме резултатите од големите студии кои во моментов се во тек.

Што би издвоиле како успешно достигнување во однос на третманот на оваа болест?

Новите имунотерапии. Во минатото, имунотерапијата ја воспоставуваме на начин што, имунолошкиот систем го правевме посилен. Им дававме на луѓето интерферони, кои се создаваат во организмот кога истиот е нападнат. Ние мислевме дека ако на пациентот му дадеме такви хормони кои ќе го зајакнат системот, тие ќе го остранат ракот. Но, тоа функционираше успешно во многу мал процент од случаите. Сега имаме најнова имунотерапија, со која им ги отстрануваме штитовите на клетките на ракот, оти се воспостави дека клетките на ракот имаат штит, кој ги штити од нормалниот имунолошки систем. Најновата имунотерапија го пробива тој штит, со што нормалниот имунолошки систем ќе може да ги нападне клетките на ракот и ќе може да ги отстрани. Имам доста пациенти кои требаше да живеат само три до шест месеци, но поминаа години, а ние сè уште се гледаме и тие се добро.

Каква е имунолошката терапија, во каква форма таа се прима?

Сета имунолошка терапија засега е во инјекции. Сите лекови кои се употребуваат за лечење на ракот се од фармацевтски компании.

Сe проценува дека секој втор Американец ќе заболи еднаш во животот од рак. Како оваа болест да се спречи? И што би им препорачале на сите кои веќе ја водат оваа битка, колку е важна состојбата на умот?

Сите ние во секој момент во животот си одлучуваме, дали да чиниме нешто во животот што ќе го зголеми ризикот од ракот и што ќе ја зголеми опасноста на ракот, или пак, ќе чиниме нешто што ќе нè заштити. Здравиот начин на живот е многу битен и во исто време, многу тежок да се живее. Превентивата подразбира да не се пуши, да не се јаде масно, да се внесува многу зеленчук, овошје, да се јаде месо многу малку, а да се јаде многу риба. Знам дека тоа е многу тешко да се оствари, но е неопходно ако сакаме да бидеме во безбедна зона.

Во САД се популарни студиите по медицина за живот (Lifestyle medicine). За што поточно станува збор?

Да, медицината за животниот стил (медицина за начинот на живот), е дел од медицината заснована на докази, која ја нагласува превенцијата на болести. Овие студии се многу популарни во САД. Современото здравство како да ја занемарува превенцијата од болести, па пациентите често добиваат малку или никакво практично знаење за заштитата од болести. Овој доктор има холистички здравствен пристап, согласно кој работи на лекување на основните причини за здравствени проблеми. Овој пристап ги испитува и решава причините за хронични состојби. На пример, со работата на ублажување на стресот, се бориме против главоболки, дигестивни проблеми или несоница.

Инаку, во САД во последниве години сè помалку се верува во лекувањето на различни болести со стандардни лекови, а сè повеќе се оди на „природно“ лекување на болестите, се разбира, во случаи кога тоа е изводливо и можно.

Извор: meta.mk

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.