Според првичните проекции на број на освоени мандати, десничарската Европска народна партија предничи со 186 пратенички места во 720-члениот Европски парламент, што е подобар резултат од претходните избори кога освои 176 пратеници. Втори по број на освоени мандати се социјалистите и демократите, а на трето место либералите
Десничарската Европска народна партија (ЕПП) освои најмногу гласови на изборите за европратеници и ќе остане најбројна политичка групација во Европскиот парламент, покажуваат првичните резултати од евроизборите објавени на веб-страницата на Европскиот парламент врз основа на излезните анкети во дел од земјите од ЕУ.
Според првичните проекции на бројот на освоени мандати, ЕПП предничи со 186 пратенички места во 720-члениот Европски парламент, што е подобар резултат од претходните избори кога освои 176 пратеници.
На второ место се социјалистите и демократите. Според проекциите, тие ќе имаат 133 пратеници во новиот состав на Европскиот парламент, што значи дека овие две групи традиционално ќе останат најголеми во ЕП.
Трети по број на освоени мандати, според досегашните резултати, се либералите – 82 мандати.
Десничарските Европски конзервативци и реформисти се следни со освоени 70 пратенички мандати, а по нив и екстремно десничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со освноени 60 места во новиот состав на ЕП.
Блокот на Зелените, според досегашните проекции има 53 европратеници, а Левицата 36 места.
Екстремната десница победи на изборите во Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон претрпе тежок пораз на денешните европски избори од лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, чија партија освои околу 32 отсто од гласовите, дури десет повеќе од 2019 година. Политичкиот блок на Макрон освои околу 15 отсто од гласовите, што е пад од 2019 г. кога освои 22 отсто.
Социјалистите освоија околу 14 отсто, наспроти шест отсто од гласовите кои ги освоија пред пет години.
Претседателските избори во Франција се одржуваат во 2027 година, а исходот од изборите за Европскиот парламент може да ги зголеми шансите на Ле Пен за фаворит во трката за Елисејската палата.
Партијата на Шолц поразена на евроизборите во Германија
Социјалдемократите (СПД) на германскиот канцелар Олаф Шолц го бележат најлошиот изборен резултат досега на изборите за Европскиот парламент, паѓајќи на трето место по централно десничарскиот блок ЦДУ/ЦСУ кој има убедливо водство, и по второрангираната екстремно десничарска Алтернатива за Германија (АФД).