Забавниот парк кој викендот почна да се поставува на празниот простор кај салата „Борис Трајковски“ ќе биде отстранет оти нелегално работи, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во соопштението се посочува дека Министерството за внатрешни работи заедно со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош вчера извршиле увид на самото место, при што биле констатирани низа неправилности.
– Имено, од страна на инспекциските служби, по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба, изготвени се записници за констатирана состојба, додека од страна на овластен градежен инспектор од општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите, се наведува во соопштението на МВР.
Општина Карпош денеска преку соопштение информираше дека не издала одобрение за поставување на реквизити кај СЦ „Борис Трајковски“.
– Во врска со поставените реквизити за рингишпил во близина на спортскиот центар Борис Трајковски, Општина Карпош демантира дека е издадено какво било одобрение за негово функционирање од едноставна причина што општината нема надлежност за издавање на вакви одобренија. Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација, велат од Општината.
Од Општината посочуваат дека доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува Државниот пазарен инспекторат.
– Бидејќи во текот на вчерашниот дел на самото место покрај нашиот градежен инспектор беа и инспектори од МВР, УЈП и Пазарен инспекторат, општината бара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај, наведуваат од Општина Карпош.
Од Град Скопје во саботата соопштија дека фирма од Чаир без нивна дозвола поставува реквизитите и посочија оти го казниле правното лице, но дека тие продолжуваат со работата.
– Ја известуваме јавноста дека правното лице Дизниленд Реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски. Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак НАСИЛНО продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие, посочија од Град Скопје.