Инфомакс дознава дека во раните утрински часови е запалена адвокатската канценарија на претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски-Џанго.
Пред влезот на неговата канцеларија со спреј биле испишани зборовите „ВМРО“ и „Гасна комора“. Впрочем на оваа локација на улица Методија Шаторов Шарло се наоѓаат канцелариите на Адвокатската комора каде што се наоѓа и канцеларијата на претседателот.
Во моментов на лице место се полициски службеници кои извршуваат увид и трагаат по непознати сторители.
Од 06.05.2018 Љубомир Михајловски-Џанго е избран за претседател на адвокатската комора, а претходно има извршувано низа на други високи државни позиции.
Во периодот од 1981 до 1983 година работел како пазарен и трудов инспектор во Собранието на Општина Центар.
Од 1983 до 1999 година бил потсекретар во Министерството за внатрешни работи каде обавувал повеќе функции. Во МВР работел и како инспектор во Управата за оперативни работи во СВР – Скопје, самостоен инспектор за спречување криминал, виш инспектор за спречување криминал, виш инспектор за недозволена трговија со дрога, началник на Одделението за општ криминал, началник на Секторот за сузбивање на криминал, заменик на помошникот министер за криминалистичка служба во МВР и началник на Управата за внатрешни работи – Охрид, Кичево, Дебар и Струга.
Во периодот од 2000 до 2002 година работел како адвокат, а од 2 декември 2002 ја обавувал функцијата директор на Царинска управа.
Во периодот од 17 декември 2004 до 26 август 2006 бил Министер за внатрешни работи на Република Македонија во владата на СДСМ предводена од професорот Владо Бучковски.