Започна изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се обрати на денешниот настан по повод започнување на изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, на источниот крак од Коридорот 8.

Тој истакна дека со овој проект се отвора ново поглавје во изградба на железничката инфраструктура, со најголемата инвестиција од независноста на Македонија до сега, во вредност од околу 200 милиони евра.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Бочварски:

„Денеска отвораме ново поглавје во изградба на македонската инфраструктура. Со почеток на изградба на овој дел од Коридор 8 вртиме нова страна во железничкиот систем во државата.

Нашата визија за европска Македонија не е повеќе желба и идеја. Овој проект, оваа железничка пруга е дел од европската перспектива, развојот и просперитетот на Република Северна Македонија.

Драго ми што посебен белег на овој ден даваат и нашите европски партнери, пријателите од Република Бугарија, амбасадорите и сите поддржувачи на нашата земја, и на сите Ви посакувам искрено добредојде.

Успехот е заеднички, драго ми што оваа Влада, сите ние покажавме упорност, покажавме одлучност и ја започнуваме најголемата инвестиција во железницата од незвисноста на Македонија со вредност  од околу 200 милиони евра.

Исправени сме пред огромен предизвик, завршување на Коридор 8 и оската Исток – Запад како дел од Паневропскиот Коридор.

Изградбата на оваа железничка пруга од Куманово до Крива Паланка и во следна фаза до границата со Република Бугарија, инвестиција од преку 600 милиони евра е сериозен чекор во развојот на регионалната железничка мрежа.

Градежната оператива на терен е само потврда на нашата решителност да изградиме нова модерна пруга.

Делницата од Куманово до Бељаковце е во должина до 31 километар. Инвестиција е во вредност од 40 милиони евра. Изградбата ќе трае до 2024 година.

За втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка инвестираме 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга. Оваа пруга треба да биде функционална до 2025 година.

И сакам да потенцирам дека овие шеесетина километри не се само должина на пруга.

Ова е потреба за економско зајакнување на државата, нови можности за домашните компании, освојување на нови пазари преку побрз и поефикасен транспорт на стока.

Третата фаза од источниот Коридор 8, од Крива Паланка до границата со Република Бугарија е исто така приоритет високо на агендата на Владата, Министерството за транспорт и врски и железничкото претпријатие.

Во оваа фаза одобрен е инфраструктурниот проект, а нашите тимови со тимови од Република Бугарија веќе работат на постапките за заедничкиот тунел и заедничката железничка станица.

Очекуваме веќе следната година да распишеме јавен повик и да ја започнеме изградбата и на оваа последна делница од железничкото поврзување на Исток каде што веќе на располагање имаме 61 милиони евра од ИПА програмата како и 155 милиони евра од ВБИФ – Инвестицискиот фонд за Западен Балкан на Европската Унија.

Почитувани,

Тргнувајќи од важноста на Коридор 8 како дел од европската транспортна мрежа, изградбата на оваа пруга е предуслов за одржлив економски развој не само за нашата земја, туку и за целиот регион.

Впрочем за тоа и се залагавме јас и моите колеги министри од Бугарија и Албанија.

Пред само 1 година во Софија, јас, Христо и Белинда потпишавме Меморандум за Коридор 8 и ветивме дека тие наши потписи ќе се пренесат во многу механизација на терен, механизација која ќе изгради преку 30 тунели и преку 90 мостови, за поврзување, за пријателство, за економија.

Затоа ја баравме поддршката пред нашите европски партнери за комплетирање на целиот Коридор 8, како значајна алка во Европската железничка мрежа од Коридори.

Имено, затоа бараме поддршка и од Европската Унија, иницијативата на трите држави, Република Северна Македонија, Албанија и Бугарија овој Коридор 8 да го вметнеме во главата мрежа на Европски коридори за штовеќе следниот месец ќе разговараме на министерскиот совет во Брисел во рамки на Транспортната заедница.

Повеќе не зборуваме за алтернативни правци, изградбата на оваа пруга отвора нови рути на европските транспортни коридори како значајна транзитна рута на источните и западните пристаништа.

Би сакал да спомнам и дека постоеше огромен скепцитизам за дозавршување на овој Коридор.  Но, денеска имаме јасна порака дека Коридор 8 е стратешки проект за целиот регион.  Време за губење нема, изградбата почнува силно, почнува сега.

Оваа инвестиција е заеднички влог за сите нас, за поголема конкурентност на домашните компании, за брз и ефискасен транспорт и влог за идните генерации. 

На крај сакам да се заблагодарам и за огромната подршка што ни ја овозможува Европската Унија, потоа Европска банка за обнова и развој и другите финансиски институции за реализација на овие крупни капитални проекти.

Нека е со среќа изградбата,  а ние колегите министри од регионот  уверуваме дека ова е само почеток на регионалната интеграција и тука нема да застанеме. Нашата мисија ќе заврши со комплетно отворање на границата и комплетно завршување на коридорите.

Ќе продолжиме заеднички да работиме и токму преку ваквите капитални проекти ќе докажеме дека најважните политички теми во регионот се инфраструктурата и поврзувањето.

Ви благодарам.“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.