Како што изјави неговиот советник, Михајло Подољак, Зеленски во Вашингтон ќе бара „оружје, оружје и уште оружје“.
Најавите дека тоа и ќе го добие – воена помош од 1.8 милијарди долари која ќе вклучува и противвоздушен ракетен систем „Патриот“ – предмалку и официјално ги потврди државниот секретар на САД – Ентони Блинкен.
Како што соопшти Блинкен, САД на Украина ќе ѝ испратат пакет воена помош вреден 1.85 милијарди долари кој за првпат ќе вклучува и ракетен систем „Патриот“. Според него, воената помош од 1 милијарда долари треба да ѝ овозможи на Украина „помоќна противвоздушна одбрана и капацитети за прецизни воздушни удари“, а останатите 850 милиони долари се „безбедносна помош“.
Пакетот, како што рече Блинкен, покрај оружје и муниција, вклучува и „критична опрема“ која Украина „исклучиво ефикасно“ ќе ја искористи за да се одбрани на бојното поле.
Новиот пакет помош доаѓа во моменти кога „Кремљ се обидува, но не успева да ја избрише Украина од картата“, а сега сака „да ја претвори зимата во оружје“ со напади на енергетската инфраструктура, изјави Блинкен.
За потсетување, американскиот ракетен систем „Патриот“ се одликува со голем домет и важи за златен стандард во противвоздушната одбрана.
„Денешниот пакет по прв пат вклучува систем ‘Патриот’, кој може да пресретнува и соборува крстаречки проектили, балистички проектили со краток домет и воздухоплови на многу поголеми височини од претходно испратените системи за противвоздушна одбрана“, истакна Блинкен, кој повтори дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина колку и да ѝ е потребно, за да може, како што рече, Киев „да продолжи да се брани и да биде во најдобра можна позиција за преговори кога за тоа ќе дојде време“.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.