Злото и неправдата не го скршија духот на Украина

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, претседателот Митрески ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески, на покана од претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук, претстојува во еднодневна посета на Украина, на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на руската воена агресија на територијата на Украина. Во рамките на посетата, тој се обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, претседателот Митрески ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ.

„Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед“,

истакна Митрески.

Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово.

„Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“,

додаде тој.

Митрески изрази цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

Пронајдете не на следниве мрежи: