Осумдесет тужби беа поднесени и секоја од нив е повлечена – рече градоначалничката на Скопје, но не кажа конкретно зошто не го тужеше СДСМ за конкретните тврдења
Повлечени се сите 80 тужби за навреда и клевета – вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, како одговор на прашањето зошто не ги тужеше СДСМ за наводите во кампањата за локалните избори во 2021 г. дека таа поседува бугарски државјанство и лична карта.
„Првата тужба која ја поднесов и изгубив два месеца од сопствениот живот и од работата во Градот, каде што морав да одам повеќе пати на суд за да се докажувам, затоа што се бараше соочување, ја изгубив со аргументи дека треба да трпам. Значи, јас да одам 80 пати на суд повеќекратно за некој да ми каже дека како функционер, доколку некој од спротивната страна изнесува лаги и манипулации против мене, дека сум должна да трпам, немам намера. Ниту да си го губам времето ниту да бидам во ситуација каде што некој спротивно на правото, тоа што нема да го докаже на суд, нема да одговара за истото, само заради тоа што од другата страна имате некој кој вели дека само заради тоа што сум носител на јавна функција би требало да бидам потолерантна“,
вели Арсовска.
Арсовска, сепак, не одговори конкретно зошто не поднесе тужба против СДСМ од каде што тврдеа дека поседува бугарски државјанство и лична карта.
Арсовска: Осумдесет тужби беа поднесени и секоја од нив е повлечена.
360°: За ова немате поднесено тужба, знам затоа што детално сме ја следеле темата.
Арсовска: Сите осумдесет тужби беа повлечени и можете да видите дека до денес, во точно 24 месеци колку што ефективно работам на оваа функција, малтене немам поднесено ниту една за навреда, ниту за клевета.
Според неа, медиумите се селективни и никој, како што вели, не ја пренел информацијата дека таа поседува чешко државјанство.
„Многу е битно зашто не можете од целиот пул на лаги, манипулации и спинови кои се прават во јавноста, да го извлекувате само она што ви одговара. Доколку се пренесуваат информациите како што треба, тогаш треба и мојата страна да се пренесе. Јас досега ниту еднаш во овие две години и претходно, од она што сум го презентирала во јавнсота, не се докажало дека не ја зборувам вистината, што не може да се потврди за сите останати“,
порача Арсовска.