Според ДИК, најголема е излезеноста на избирачкото место во Крушево каде до 9 часот гласале 57 избирачи или 12,15 проценти, а најмала во Долнени на избирачкото место 1470/1 каде гласале 14 лица со право на глас, односно 2,22 проценти
На седумте избирачки места во петтата и шестата изборна единица каде денеска има прегласување за парламентарните избори излезеноста до 9 часот е 7,22 отсто, соопшти Држвната изборна комисија (ДИК).
Како што информираат од Комисијата, од вкупно запишаните 4 514 гласачи до 9 часот гласале 326 избирачи. Споредено со гласањето на 8 мај, на денешното прегласување е забележана зголемена излезеност за 4,07 отсто на овие избирачки места.
Според ДИК, најголема е излезеноста на избирачкото место во Крушево каде до 9 часот гласале 57 избирачи или 12,15 проценти, а најмала во Долнени на избирачкото место 1470/1 каде гласале 14 лица со право на глас, односно 2,22 проценти.
На избирачкото место 2101 во Желино гласале 101 гласач односно излезеноста е 10,17 проценти, во избирачкото место 1202 во Крушево гласале 22 гласачи односно 7,38 проценти, на избирачкото место 1272 во Охрид гласале 54 гласачи односно 7,59 проценти, а на второто избирачко место во Долнени со број 1470 гласале 22 гласачи или 3,34 проценти. Во Струга на избирачкото место 1844 излезноста е 7,44 проценти односно гласале 56 гласачи.
Избирачките места во седумте избирачки места каде има прегласување се отворени во 7 часот наутро, информира ДИК.
Вчера гласаа болните и немоќните лица, лицата кои се на издржување казна затвор, како и лицата сместени во домовите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024. Од ДИК информираа дека прегласувањето се одвивало непречено, без пријавени нерегуларности.
Поради повторување на гласањето за парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера ги извести националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој ќе трае денеска до 19 часот.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.
Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на коалицијата да ѝ се одземат две пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во парламентот.
Државната изборна комисија вчера ги додели Уверенијата за пратеници за потврдените пратенички мандати.