Наполи, чиј член е македонскиот репрезентативец Елиф Елмас може да го лади шампионското шампањско откако главниот ривал Интер вечерва одигра без голови на гости кај Сампдорија, па сега разликата дојде на плус 15 за наполитанците.
Интер беше огромен фаворит за три бода, за колку-толку да остане во трка за титулата, но со денешниот кикс, скоро невозможно е Наполи да не биде шампион, иако до крајот на сезоната има уште 16 кола и многу бодови се во игра.
„Нераѕурите“ имаа шанса во последните секунди да дојдат до три бода во акцијата на Џеко, Д’Амбросио и Лаутаро Мартинез, ама сите не знаеа што попрво со топката, па Сампдорија се извлече за да освои бод, кој за малку ја намали разликата во однос на Специја, прва над зоната, на осум бода кои треба да го надополни тимот од Џенова.