Интер ја декласираше Аталанта сѐ поблиску до титулата


Лидерот во италијанското првенство Интер победи со убедливи 4:0 против Аталанта во одложениот натпревар од 21. коло во Серија А и сега има големи 12 бода повеќе од второпласираниот Јувентус.

Гостите од Бергамо први ја затресоа мрежата на мечот, Шарл Де Кетелаер во 11. минута погоди за 1:0. Сепак, голот беше поништен по ВАР анализа поради играње со рака. По овој момент на теренот постоеше само Интер. Домашните набрзо возвратија со погодок, кога во 19. минута стрелец беше Николо Барела, но од недозволена позиција.

Интер поведе во 26. минута со голот на Матео Дармијано, а Лаутаро Мартинез во судиското надополнување зголеми на 2:0. Во 54. минута аргентинскиот напаѓач имаше одлична можност за втор гол на натпреварот, но не го искористи ударот од белата точка. Марко Карнесеки одбрани, но одбиената топка Федерико Димарко ја спроведе во мрежата. Конечните 4:0 ги постави Давиде Фратези во 72. минута. Фратези влезе во игра во 62. минута, десет минути подоцна постигна гол, по што поради повреда го напушти теренот.

Во средата се одигра и одложениот натпревар од 21. коло меѓу Сасуоло и Наполи, кој беше одложен поради учеството на Наполи во финалето на италијанскиот Суперкуп. Иако домашните поведоа, гостите на крајот победија со 6:1.

Сасуоло поведе во 17. минута со голот на Урош Рачиќ, но гостите до полувремето веќе постигнаа три гола, а стрелци беа Амир Рахмани (29) и Виктор Осимхен (31, 41). Во продолжението од мечот, Осимхен го постигна својот трет гол во 47. минута, а потоа уште два пати меѓу стрелците се запиша Квич Кваратшхели (51, 75). Колку беа доминантни гостите покажува податокот за 71 отсто посед на топка и дури 26 удари и 10 корнери.

На врвот е Интер со 69 бодови, Јувентус има 57, а Милан 53 бодови. Аталанта е петта со 46 бодови, додека Наполи е осми со 40 бодови. Сасуоло е во зоната за испаѓање, на 18-то место со 20 бодови.

Пронајдете не на следниве мрежи: