Сите ние одвреме-навреме се навраќаме на минатото иако сфаќаме дека денес работите не можат да бидат онакви какви што биле порано. Колку и да се обидуваме да ги вратиме нештата онака како што биле некогаш, на крајот сфаќаме дека тоа е залудна борба. Најважно од сè е да не дозволиме минатото да ни влијае врз сегашноста и иднината. Во продолжение прочитајте ги нашите совети како да расчистите со минатото.
Како да му ставите крај на минатото? Прочитајте ги нашите совети!
Сеќавајте се на добрите, но и на лошите моменти
Доколку сте имале неуспешна врска во минатото, можете да размислувате така што ќе почнете со добрите сеќавања за партнерот. Но, размислете и кои биле причините за прекин на врската. Ќе сфатите дека сте доживеале убави, но и лоши мигови кои сепак биле пресудни за раскинувањето. Можеби, со текот на времето ќе ги заборавите лошите работи и ќе посакате да се вратите назад, но запомнете дека минатото не било совршено.
Размислете за верижната реакција
Ја знаете изреката дека кога една врата се затвора, друга се отвора? Оваа поговорка укажува на фактот дека работите постојано се менуваат. Можеби сте биле принудени да ја напуштите работата што сте ја сакале за да започнете нова кариера која всушност ве направила посреќни. Секогаш постои нешто добро во лошите искуства. Доволно е очите да ви бидат ширум отворени за да го забележите.
Почнете да чекорите во посакуваната насока
Најчестата причина зошто повеќето од вас се навраќаат на минатото е бидејќи сегашноста не се чини толку сјајна. Дали сте биле спречени да се запишете на факултет? Никогаш не е доцна да го направите тоа! Дали жалите за раскинувањето бидејќи оттогаш не можете да најдете сериозна личност и да започнете нова љубовна врска? Во ред е, кога-тогаш ќе ја пронајдете својата сродна душа. Доволно е да бидете свесни за фактот дека размислувањето за минатото нема да ве направи посреќни. Не можете да се вратите назад и да ги поправите грешките што сте ги направиле, можете само да научите од нив и да не ги повторувате во иднина.
Не се задржувајте на мислите од типот „што ако…“
Најлошото нешто што може да се случи додека се навраќате кон минатото е да дозволите да ве обземат мисли од типот „што ако…“. Минатото е завршена работа, а мислите во поглед на тоа што би можело да биде поразлично не само што се исцрпувачки туку и нездрави. Никогаш нема да знаете со сигурност дали донесувањето поинаква одлука би ви пружила подобар живот или не. Продолжите да чекорите во посакуваната насока и бидете сигурни дека на крајот сè ќе биде во најдобар ред.