Во Соединетите Американски Држави, во последните недели беа упатени повици за укинување на задолжителните маски во училиштата, вклучително и во научната заедница, во време кога паѓаат бројките на нови случаи на COVID-19.
Научните студии покажаа дека маските навистина влијаат на способноста на децата да препознаваат лица и емоции.
Како и кај возрасните, маските исто така може да ја попречат вербалната комуникација.
Но, експертите се поделени околу долгорочните ефекти врз развојот на децата.
Учењето јазик
Првата причина за загриженост е учењето јазик, кое се одвива во првите години од животот.
Децата учат да зборуваат преку социјалните интеракции, особено кога гледаат во устата на возрасните за да научат слогови.
Бидејќи оваа патека е блокирана, логично е да се претпостави штетен ефект.
„Гледаме во лицата кога учиме да зборуваме“, изјави за AFP Даeн Пол од Американското здружение за говор-јазик-слух (ASHA). „Но, тоа не е единствениот начин.“
Децата учат и со слушање гласови и следење на гестовите и движењата на очите на оние околу нив.
Пол забележува дека луѓето со оштетен вид исто така учат да зборуваат добро – и дека маските не се носат трајно, на пример дома.
„Во моментов, не постојат студии кои директно го проценуваат долгорочното влијание врз развојот на говорот и јазикот во ситуации кога малите деца комуницираат со маскирани возрасни“, рече таа.
„Но, постојат студии кои покажуваат дека децата можат да се прилагодат на другите комуникациски индикатори и гестови кога устата на возрасниот не е видлива.“
Студија од 2021 година покажа дека доенчињата можеле да препознаат единствени зборови преку маска, исто како што можеле без неа.
Но, според друга студија спроведена во Франција, маските може да го попречат учењето да читаат кај децата со потешкотии во учењето.
Генерално, истражувањата на оваа тема сè уште се ретки.
Но, вели Пол, „навистина не гледам причина за вознемиреност“.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), „ограничените достапни податоци не укажуваат на јасни докази дека маските го нарушуваат емоционалниот или јазичниот развој на децата“.
Агенцијата препорачува маски на јавно место за лица постари од две години, додека Светската здравствена организација предлага за лица постари од пет години.
Социјален и емоционален развој
Но, меѓу психијатрите, приказната е малку поинаква.
„Емоционалната страна е поважна“, вели Манфред Спицер, кој исто така е специјалист за когнитивна невронаука на Универзитетот во Улм во Германија.
Тој забележува дека првото нешто што се губи со маската е насмевката.
„Има многу имплицитни повратни информации меѓу наставниците и децата во образовните услови“, рече тој за АФП.
„Ако ја нарушите оваа постојана комуникација, сигурно ќе го пореметите успешното подучување.“
Стравовите се однесуваат и на способноста за создавање социјални врски.
Бројни студии покажаа дека маските го отежнуваат препознавањето на лицата и емоциите, вклучително – или уште повеќе – меѓу најмладите.
Заклучоците за последиците се различни
Студијата на деца на возраст од седум до 13 години, објавена во списанието PLOS One, потврди дека емоциите (страв, тага, гнев) се помалку препознатливи кога личноста носи маска – но со слични резултати во споредба со носењето очила за сонце.
Беше заклучено дека „малку е веројатно дека маските драматично ќе ги нарушат социјалните интеракции на децата во нивниот секојдневен живот“.
Друг труд, објавен во списанието Frontiers in Psychology, покажа дека препознавањето на емоциите на луѓето со маски на нивните лица значително се намалило помеѓу три и пет години.
Овие резултати „сугерираат дека живееме во време кое потенцијално може да влијае на развојот на социјалното и емоционалното расудување“, велат авторите.
Керол Видал, психијатар на Универзитетот Џон Хопкинс, рече дека е загрижена на општествено ниво, иако родителите не треба да паничат.
Видал е дел од групата лекари и научници кои повикуваат на укинување на задолжителните маски на училиште, каде што веќе е тешко да се одржи строгата употреба на маски.
„Едноставно мислам дека не се потребни во овој момент на пандемијата, знаејќи што знаеме за ризиците за децата во однос на КОВИД, и знаејќи дека сите имаме пристап до вакцини и дека ако сме загрижени за нашите здравје, можеме да носиме маска N95“, рече таа за АФП.
Таа истакнува дека се сведува на балансирање на ризиците и придобивките.
Недостатоците на маските можеби не се толку драматични во смисла дека ефектите може да не се појават веднаш, но мислам дека треба да бидеме внимателни“, рече Видал.