Официјалната потврда на имињата на носителите на пратеничките листи на Левица следува откако претходно неделава дел од партиските ограноци на своите официјални фејсбук-профили објавија кој ќе ги предводи кандидатските листи за пратеници на изборите
Неколку дена откако дел од општинските ограноци на Левица ги објавија имињата на носителите на кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици, партијата денеска и официјално ги потврди.
Во денешната објава на официјалната фејсбук-страница на Левица, меѓу другото, се посочува дека партијата ги има единствените кандидати, од севкупниот избор, кои немаат нанесено штета на државата.
„Еднаш засекогаш ќе ги предизвикаме политичките елити кои управуваат со нашите животи и ќе ја вратиме политиката моќ во рацете на работничката класа! Нашите носители и идни пратеници ќе бидат гласот на народот во Собранието, како што докажаа и нашите досегашни пратеници“,
стои во фејсбук-објавата на Левица.
Како што и претходно неделава објавија дел од општинските ограноци на Левица, носител на листата во првата изборна единица ќе биде партискиот лидер и актуелен пратеник во Собранието, Димитар Апасиев.
Пратеничката листа во втората изборна единица ќе ја предводи Амар Мециновиќ – портпарол на Левица, член на Президиумот на партијата и актуелен советник во Град Скопје.
Актуелниот пратеник Борислав Крмов, кој е и член на Президиумот на Левица, ќе биде носител на кандидатската листа за пратеници во третата изборна единица.
Носител на листата во изборната единица 4 ќе биде Сашко Јанчев – член на Централниот комитет на Левица и актуелен член на Советот на Општина Гевгелија.
Кандидатската листа за пратеници во „петката“ ќе ја предводи партиската генерална секретарка Јована Мојсоска.
Носител во шестата изборна единица, пак, ќе биде Игор Димески, раководител на партискиот сектор за енергетика и актуелен советник во Општина Центар
Имињата на носителите на кандидатските листи за пратеници во шесте избори единици вчера официјално ги објави и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пред почетокот на 28. партиски конгрес.