Македонија е меѓу земјите кои се најпогодени од загадувањето на воздухот, односно има најмногу смртни случаи како последица на загадениот воздух.
– Во моментов, сите земји на ЕУ пријавуваат нивоа на азот диоксид над препорачаните нивоа од СЗО, но некои се посилно погодени од загадувањето на воздухот од другите. Најмногу смртни случаи од загадувањето има Северна Македонија, а по неа е Србија. И соседните Албанија, Бугарија и Црна Гора имаат премногу високи оценки, според неодамнешниот извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) – јавува „Euronews“.
Во 2021 година, Светската здравствена организација (СЗО) ги ажурираше своите упатства за квалитетот на воздухот, намалувајќи го препорачаниот праг за годишни концентрации на азот диоксид и мали честички (PM2.5), како што се прашина, чад и саѓи од издувните гасови.
Во декември, Европската унија усвои построги правила за квалитетот на воздухот, со цел да ги приближи своите стандарди до препораките на СЗО до 2030 година.
Овие правила ги обврзуваат земјите-членки редовно да ги следат ПМ честичките, јаглеродот и амонијакот кој се ослободува во воздухот.
-Ова е една од најголемите интервенции за јавното здравје во последните децении- изјави Марк Њувенхајсен, директор на иницијативата за урбанистичко планирање, животна средина и здравје во Барселона.
Изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид, се вели во извештаите на Европската агенција за животна средина.
Истражувањето на Њувенхајсен ги нагласува различните предизвици со кои се соочуваат различните делови на Европа, вклучувајќи ги земјите од Југоисточна Европа, како Македонија, во справувањето со загадувањето на воздухот.