Платформите со кои излегоа ДУИ и претседателскиот кандидат Арбен Таравари за промени на Уставот со кои во иднина претседателот би се избирал во Парламентот, Димитриевски ги оцени како предизборен маркетинг. Според него доколку се дозволи претседателот да се избира во Собранието тоа ќе го намали капацитетот на државата и на институциите
Претстојните претседателски и парламентарни избори ќе бидат една реприза на тоа што се случуваше на локалните избори (2021 година) во Куманово. Тоа што го направивме на локално ниво ќе го пресликаме на централно, рече во изјава за новинарите актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски во рамките на вечерашниот прв конгрес на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ на кој беше официјализирана неговата кандидатура за претседател на државата.
За потсетување, Димитриевски првиот градоначалнички мандат во Куманово го освои во 2017 година како кандидат на СДСМ. Откако не ја доби довербата од партијата за втор мандат, тој на локалните избори во 2021 настапи како независен кандидат со здружение „За наше Куманово“.
На овие избор вели оти повторно е возможно „СДСМ да изгуби, а ВМРО-ДПМНЕ да не победи“.
Поддршката од граѓаните ќе ја бараат со квалитетни кандидати на кандидатските листи за пратеници, а за „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ рече дека е најбрзорастечката сила во историјата на македонскиот плурализам.
„Мислам дека Македонија веќе е свесна и бара промени. Не само промени од актуелната власт, туку и промени од минатото и бара да отвори нови алтернативи. ЗНАМ тоа го нуди. Вечерва тоа го докажува и потврдува и ќе продолжиме на тој начин да ја бараме поддршката од граѓаните, а конечно е нивното. Дали е дојден момнетот во Македонија за такво нешто? Да! Секојдневно слушаме дека во Македонија се гласа ‘против’, а не ‘за’. Денеска граѓаните ќе имаат можност и опција да ја поддржат ЗНАМ како нова и најбрзорастечка сила во историјата на македонскиот плурализам и мислам дека ќе направиме суштински промени на политичката сцена. Дали е тоа возможно? Сигурно да. Да изгуби СДСМ, да не победи ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Димитриевски.
Она што го прави политичкиот субјект чиј лидер е различен од другите, според Димитревски е тоа што тој „се раѓа“ од самите граѓани, без разлика на нивната идеолошка ориентација – лева или десна, и од сите етнички заедници.
„Едноставно така се создава мнозинството. Тешко е кога сте осамени, кога ќе бидете двајца тоа веќе е само множина, а до мнозинството се стигнува по пат на математичка прогресија и ние тоа го правиме. Вечерва овде, а за многу кратко и низ цела Македонија“,
изјави Димитриевски.
Платформите со кои излегоа ДУИ и претседателскиот кандидат Арбен Таравари поддржан од опозицискиот блок на партиите на Албанците за промени на Уставот со кои во иднина претседателот би се избирал во Парламентот, Димитриевски ги оцени како предизборен маркетинг.
Прашан дали би го прифатил овој концепт како услов за влез во идната влада, тој рече дека како човек по принцип не прифаќа услови.
„Во политиката се е можно, но една порака за да бидеме на јасно пред да започне самиот изборен процес: Македонија низ својата историја била многупати условувана. Овие пораки повеќе ги сфаќам како предизборен политички маркетинг на двата политички субјекта, кои исклучиво се сконцетрирани на албанскиот електорат. Инаку, Македонија го менуваше својот Устав неколку пати и сметам дека Уставот не е обичен тефтер хартија којшто треба да се менува во континуитет. На Македонија и е потребен претседател којшто ќе биде гарант на суверенот граѓанинот и воедно ќе биде гарант на Уставот и еден начин на комуниакција помеѓу граѓаните и власта. Бидејќи гледаме дека повеќе од 33 години власта се опива од самата власт и аздисува. Претседателот ја има улогата да биде гарант на граѓаните во оваа држава дека секогаш ќе бидат обезбедени“,
рече Димитриевски.
Според него доколку се дозволи претседателот да се избира во Собранието, тоа ќе го намали капацитетот на државата и на институциите коишто на граѓанинот може да му гарантираат дополнителна сигурност.