По Баерн Минхен и Пари Сен Жермен, во четвртфиналето од Лигата на шампионите се пласираа и актуелниот европски шампион Манчестер Сити и Реал Мадрид.
Актуелниот европски шампион Манчестер Сити уште во Копенхаген направи голем чекор кон четвртфиналето совладувајќи го данскиот тим со 3:1, а во реваншот на својот стадион со идентичен резултат го потврди пласманот натаму. Во втората средба во средата вечерта Реал Мадрид и РБ Лајпциг одиграа 1:1 на „Сантијаго Бернабеу“, но „Кралскиот клуб“ го одбрани гостинскиот резултат 1:0 од првиот натпревар.
Ова беше десетта последователна победа на Сити во Лигата на шампионите, што го прави само третиот тим кој успеал да победи во десет натпревари по ред во ова натпреварување, по Реал Мадрид (2014/2015) и Баерн (15 по ред од 2019 до 2020 година и десет натпревари во низа во 2013).
Пеп Гвардиола го започна натпреварот без Фил Фоден, Кевин Де Брујн, Бернард Силва, Кајл Вокер, Џон Стоунс и Нејтан Аке и без повредениот Џек Грилиш, очигледно имајќи го во мислите Ливерпул, кој го чека Сити во недела во можеби решавачкиот дуел за титулата во англиската Премиер лига.
Манчестерските „Граѓани“ поведоа уште во петтата минута. Хулијан Алварез нафрли од корнер, а Мануел Аканџи со одличен волеј погоди за 1:0. Само четири минути подоцна веќе беше 2:0. Алварез повторно нафрли од корнер до Родри, кој шутираше со глава но ја погоди стативата, а топката се одби до аргентинскиот напаѓач, кој шутираше директно во полскиот голман Камил Грабар, од чии раце топката несмасно се истркала воголот.
Гостите го намалија резултатот во 29. минута со голот на Мохамед Ељунуси. Тоа беше одлична контра на данскиот тим. Ељунуси се повлече од својата половина во противничкиот шеснаесетник, употребувајќи го Ори-Штајн Оскарсон, кој со задната пета ја упати кон норвешкиот играч од средниот ред кој прекрасно погоди за намалување. До голот на Ељунуси, Копенхаген имаше 50 удари во шест натпревари на англиско тло, но не можеше да ја затресе противничката мрежа.
Во последните моменти од првото полувреме Сити постигна трет гол. Родри го проигра Ерлинг Халанд со долга топка, а норвешкиот напаѓач погоди меѓу двајца одбранбени играчи за 3:1. Тоа беше негов 29-ти гол во сите натпреварувања оваа сезона.
Во останатиот дел од натпреварот имаше неколку шанси на двете страни, но без голови. Најблиску до погодок беше Рико Луис, кој во судиското надополнување ја погоди рамката од голот на данскиот претставник.
„Кралскиот клуб“ се мачеше и всушнот „висеше“ во поголемиот дел од средбата против РБ Лајпциг, се чини и со судиска помош во неколку минути, но германскиот тим не успеа да ги искористи бројните шанси кои ги создадоа неговите играчи. На крајот мечот заврши 1:1, а Реал ја одбрани минималната гостинска победа од 1:0.
Винисиус Жуниор го доведе Реал во водство во 65. минута, а израмни Вили Орбан три минути подоцна. За Лајпциг последните десетина минути ги одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас.
Германскиот тим многу подобро влезе во натпреварот и гостите веќе имаа две добри прилики во првите 15 минути. Најдобрата ја промаши Бенјамин Шешко во 10. минута, излегувајќи сам пред Андриј Луњин, но украинскиот голман одлично одбрани. Пет минути подоцна се закани и на Лоис Опенда, но тој шутираше далеку од голот. Првата сериозна ситуација пред германскиот гол, пак, се случи во 25. минута кога Валверде го проигра странично Белингем, кој шутираше кон голот но беше блокиран од гостинската одбрана. Тоа беше сѐ од домаќините во првото полувреме.
Гостите имаа нова шанса во 39. минута, Чави Симонс шутираше, но топката се одби од блокот и отиде во еден од многуте корнери за гостите. Симонс имаше одличен шут две минути подоцна, но Луњин беше подготвен и ја одби топката во корнер. По центаршутот од корнер, Опенда имаше одлична шанса, но шутираше лошо.
РБ Лајпциг доминираше во првото полувреме и Реал можеше да биде среќен што заврши без голови. Во првите 45 минути домашната публика покажа што мисли за играта на „Кралвскиот клуб“ испраќајќи го тимот од теренот со свирежи.
Германскиот тим доби нова можност во 48. минута откако Луњин непотребно истрќа од голот. Сепак, Опенд не се снајде најдобро, а Украинецот ја поправи грешката. Само две минути подоцна, Дани Олмо имаше слободен удар од 21 метар, но тој го погоди живиот ѕид.
Во 55. минута се случи спорна ситуација која можеби го одреди правецот на натпреварот. Винисиус Жуниор мораше да добие црвен картон поради неспортски потег на Орбан, но италијанскиот судија Давиде Маса се задоволи со жолт картон земајќи го предвид првиот прекршок на Бразилецо кога фаулираше од грб но не и последователната реакција кога со рака го удри во грлото Орбан кој вербално рагираше на неговиот остар старт. Неколку минути подоцна Тони Крос со отворено стопало стартуваше врз ногата на противничкиот играч, но Маса воопшто не се огласи. Непознато остана дали во двете ситуации имаше реакција од ВАР-собата и покрај очигледните прекршоци.
Десет минути подоцна Винисиус му донесе водство на Реал по асистенцијата на Џуд Белингем. Но РБ Лајпциг кој продолжи да игра и да ја држи доминацијата брзо се врати во мечот и израмни само три минути подоцна. Давид Раум нафрли од левата страна, а Орбан одлично со глава погоди за 1:1.
Во 74. минута гостите беа на чекор од пресврт, но Луњин го сопре ударот на Шешек. Две минути подоцна, Опенда повторно шутираше, но уште еднаш не беше прецизен. Реал можеше да стави точка преку Родриго, но Бразилецот шутираше лошо. Олмо ја имаше последната шанса на мечот во судиското надополнување кога се обиде да го надмудри домашниот голман, но неговиот удар заврши од горната страна на пречката.
Во вторникот во четвртфиналето се пласираа Баерн Минхен и Пари Сен Жермен. Во реваншот од осминафиналето во Минхен, германскиот шампион го победи Лацио со 3:0, надоместувајќи го поразот од 0:1 од првиот меч одигран во Рим, додека во вториот вечерен натпревар ПСЖ го совлада Реал Сосиедад со 2:1 на гостувањето во Сан Себастијан, потврдувајќи го париските 2:0.
Другите четворица патници во четвртфиналето ќе бидат познати следната седмица. Во вторник на 12 март се среќаваат Арсенал – Порто (0:1) и Барселона – Наполи (1:1), а ден подоцна Атлетико Мадрид – Интер (0:1) и Борусија Дортмунд – ПСВ Ајндховен (1:1).