Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андраш Клаин, на која разговараа за процесот на преговори, за актуелни политички теми и можностите за унапредување на билатералните односи и соработка.
– Европскиот пат на Северна Македонија и обврските кои произлегуваат од пристапните преговори мора да останат во нашиот фокус и во текот на оваа година, а за нас е важно да знаеме дека ја имаме поддршката од Унгарија во процесот на преговори и исполнување на целта, рече Маричиќ на средбата.
Амбасадорот Клаин потенцираше дека Унгарија дава јасна поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ и укажа дека сега не смее да се дозволи сами да ги блокираме преговорите.
Клаин додаде дека Унгарија и понатаму ќе се залага за проширување на ЕУ со земјите од регионот и дека на тој пат можеме да сметаме на нивната техничка помош и поддршка во спроведувањето на реформите и постигнување на стандардите на ЕУ.
Соговорниците се согласија дека најважниот чекор кон ЕУ Северна Македонија веќе го направи, но дека потребен е политички консензус и одговорност од сите општествени чинители за натамошното спроведување на реформската агенда.
Во таа насока ја истакнаа важноста од натамошните реформи во поглавјата 23 и 24, како и важноста на реформите во судството, независноста на судството, но и борбата против криминалот и корупцијата, за што Владата има политичка волја и капацитет рече вицепремиерот Маричиќ.
На средбата беше разговарано и за досегашните одлични билатерални односи и беа разгледани можностите за унапредување на соработката во различни области, која треба да послужи за забрзување на евроинтеграциите.
Во таа насока подетално Маричиќ разговараше за нови унгарски инвестиции, како и за нова иницијатива за инфраструктурен проект, кој ќе го поврзе регионот со Европа, информираат од Секретаријат за европски прашања.
Пронајдете не на следниве мрежи: